Кој ќе дојде да вози по вакви пруги, и дали ако дојде тоа ќе биде поголем зијан отколку ќар за Македонија? Овие дилеми ги отвори поранешниот директор на Македонски железници Никола Димитровски за Телма. Од почетокот на годинава стартува либерализацијата на железничкиот товарен сообраќај, па ќе може да влезат и други фирми кои ќе ѝ конкурираат на државната компанија Македонски железници – транспорт. Неколку компании од регионот веќе изразиле интерес. Досега, возовите на секоја граница менуваа локомотива. Сега ќе може истиот воз да продолжи преку граница.

Димитровски вели дека е прашање дали трасата низ Македонија ќе биде атрактивна за превоз на стоки од Грција кон Централна Европа, или превозниците ќе изберат да возат низ Бугарија.
Македонски железници – инфраструктура, фирмата која управува со пругите, планира годинава да заработи 98 милиони денари или скоро 1,6 милиони евра за користење на пругите од други превозници кои очекува да влезат во железничкиот товарен сообраќај. Димитровски предупредува дека тој ќар може да се претвори во зијан.





