„Да извршите инспекциски надзор и да утврдите фактичка состојба – дали при издавањето брзи кредити од конкретните финансиски друштва биле почитували или не одредбите од Законот за финансиски друштва и од Законот за заштита на потрошувачите, при склучувањето на договоти за таквите кредити!
Ова е реакцијата на Народниот правобранител, Насер Зибери кој е незадоволен од одговорот на Министерството за финансии, кое се прави ненадлежно за контрола на финансиските друштва кои даваат брзи кредити на измамници со украдени лични податоци.
Еден од повоидите е претставката од скопјанка, која се жали дека неколку финансиски друштва кои се под контрола на Министерството за финансии во континуитет издаваат кредити на име на нејзиниот изманипулиран син со церебрална парализа, крадејќи му ги името и матичниот број од личната карта.
Три кредити што ги зеле измамниците таа и сопругот вратиле досега, за четвртиот немаат веќе средства, објавува СакамДаКажам.
Каматата на последниот брз кредит од 36.000 денари е порасната, жената апелира државата да преземе мерки овие финансиски друштва да запрат да издаваат кредити на име на нејзиниот син, а МВР да ги најде сторителите и да вратат сè што зеле на име на тешко болниот човек. Таа поединечно се обратила до сите финансиски друштва во државата дека не само што издаваат кредити на изманици на име на нејзиниот син, туку и дека личната карта на која издаваат му е украдена, но поништена и неважечка.
Преку адвокатката на сите им доставила и доказ, објава во Службен весник дека таа лична карта е неважечка, но попусто.
Со дописот до МВР, пак, Зибери бара информација до каде е истрагата и кога ќе ги најдат измамниците што подигаат брзи кредити на име на лицето со церебрална парализа. Одговор сè уште нема, сторителите не се откриени, објавува СДК.







