Зибери го возвраќа ударот: Филипче ја злоупотребува функцијата за партиски цели

Министерот Филипче да престане да ја злоупотребува владината говорница за изборни препукувања. Јас сум кандидат за пратеник и имам право на мојот приватен фејсбук профил да имам и политички ставови, притоа во ниту еден момент не злоупотребувајќи ја институцијата која ја водам, како што, за жал, прави министерот – изјави директорот на Центарот за Јавно Здравје.



Реакцијата на Арбен Зибери доаѓа откако министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека уште денеска, ако може, ќе го разреши од функцијата директор на скопскиот Центар за јавно здравје.

Најавата за смена на д-р Зибери следуваше по неговите објави на Фејсбук дека издејствувал отварање на границите без тестови за да можат Албанците од дијаспората да гласаат, што според Зибери е благодарение на придонесот на ДУИ во здравствените политики на Владата.

“Ја видов изјавата, а невистина е дека директорот Зибери е член на Комисијата за заразни болести. И тоа е негова лоша предизборна реторика и ништо нема да добие со тоа д-р Зибери. Комисијата работи врз медицински индикатори и изјавата не доликува на доктор и човек што раководи со таква институција. Ќе биде сменет д-р Зибери денеска, ако може, ако е правно изводливо” изјави попладнево на прес-конференција министерот Филипче

Д-р Зибери е втор на листата на кандидати за пратеници на ДУИ во првата изборна единица, инаку е внук на Насер Зибери, кандидатот на ДУИ за премиер.