„Журнал“: Законот за техничка влада е дискриминаторски за Албанците – предвидува министри само за македонската, а не и за албанската опозиција

„Дали техничката влада е дискриминаторска? Зошто министри во неа само за македонската опозиција, а не и за албанската опозиција“? – прашува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа.



„Журнал“ пишува: Во недела на 28 јануари ќе се гласа за техничката влада со Талат Џафери како премиер. По предупредувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да гласаат за техничкиот премиер, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека местата, кои според законот и припаѓаат на опозицијата во техничката влада, мора да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не гласа за техничката влада. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека остануваат на ставот да не гласаат за техничкиот премиер, а неделава ќе ги објават имињата на министрите и замениците-министри.

Според предупредувањата, ДУИ нема да ги поддржи предлозите, кои од ВМРО-ДПМНЕ за министри во техничката влада. Вчера со ист став се огласи и Либерално-демократската партија. Техничката влада нема да ја поддржи ниту Демократскиот сојуз, според кој парламентарното мнозинство мора да обезбеди 61 глас, за да ја изгласа оваа влада.

Техничката влада се формира 100 дена пред парламентарните избори, кои треба да се одржат на 8 мај. Претседателските избори ќе се одржат на 24 април. Мандатот на техничката Влада завршува со изборот на новата Влада.

Зошто не се отстранува оваа дискриминација?

Уште од донесувањето на Законот за техничка влада и денеска во јавното мислење се присутни дилеми: дали овој закон е дискриминаторски за Албанците? Во техничката влада е загарантирано учество само на македонската опозиција, а не и на албанската. Ова создава негативен впечаток дека стремеж на Законот е да одрази оти опозиција треба да имаат само Македонците, а не и Албанците од * Македонија.

Соодветно на тоа и дека повеќепартиската демократија треба да постои само за Македонците, додека Албанците треба да продолжат да живеат во монистички систем, бидејќи немаат демократска свест. Овој дефект остана од 2016 година, односно од преговорите што тогаш се водеа во Пржино меѓу власта и опозицијата. Но, зачудувачки е зошто оттогаш до сега ниту албанската власт, ниту опозицијата, не презеле иницијатива за промена на овој закон, барем да се отфрли впечатокот дека Албанците од * Македонија треба да имаат само партија на власт, но не и опозиција.

Немањето опозиција е појава кај народите со слаби политички и демократски капацитети и затоа Законот за техничка влада е дискриминаторски, па дури и навредлив за Албанците. Досегашното немање своја иницијатива да го променат карактерот на овој закон покажува дека албанските партии многу малку се заинтересирани за унапредување на нашиот политички статус како албански народ.

Ако целта на техничката влада е да обезбеди непречено одвивање на изборите и да ги спречи манипулативните стремежи на власта, тогаш овој закон треба да обезбеди застапеност на албанската опозиција многу повеќе одошто на македонската опозиција , бидејќи негативните појави на изборите ги има повеќе кај Албанците отколку кај Македонците.