„Журнал“: „Војната во Украина како поука Балканот да се интегрира во ЕУ, за да не се отвораат други фонтови“

„Според путинистичка Русија, Русите и Украинците се еден народ, кој споделува ‘единствен историски и духовен простор’, а според официјалната бугарска историографија, ‘жителите со словенско потекло на с.Македонија се Бугари и зборуваат бугарски, но ним им бил испран мозокот за време на комунистичкиот режим во Титова Југославија.’ Колку спорот Русија-Украина е сличен со спорот Бугарија-Македонија?“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа со наслов „Војната како поука: регионот на Балканот во Европската унија, за да не се отвораат други фронтови“.



„Журнал“ пишува: „Руската инвазија на Украина е извор и за економските и за политичките теми во Македонија. Во таа насока, се наметнува паралелата: колку спорот Русија-Украина е сличен со спорот Македонија-Бугарија? Балканот произведува толку многу историја, што ниту самите не можат да консумираат.“

„За путинистичка Русија Украина е нераскинливо поврзана со Русија. Минатото лето во повеќејазичниот говор на официјалната веб-страница на Кремљ Путин повтори дека Русите и Украинците се еден народ, кој споделува ‘единствен историски и духовен простор’. Оваа теза веднаш беше отфрлена од владата во Киев. Бугарите не размислуваат поинаку за Македонците. Според официјалната бугарска историографија, жителите со словенско потекло на с.Македонија се Бугари и зборуваат бугарски – но, им бил испран мозокот за време на комунистичкиот режим во Титова Југославија (1945-91). Нов ‘македонски’ идентитет и јазик беа наметнати вештачки. Ова е официјален став на Бугарија уште од 50-тите години на минатиот век.“

„Никогаш немало потешки закани меѓу Бугарија и с.Македонија, барем официјално.  Во овој момент двете актуелни влади ја избраа дипломатијата и се очекува дијалогот да го диктира спорот меѓу двете земји, кој станува пречка за интеграција на с. Македонија, а со тоа и за целосна интеграција на Западниот  Балкан во ЕУ. Со оглед на нерешените спорови на Балканот и на фактот дека станува збор за чувствителен регион, полн со огништа, мислењето на дипломатските претставништва во земјава се насочува токму на ова прашање. Челниците на институциите на с.Македонија велат дека Европската Унија треба да го забрза процесот на европска интеграција на Западен Балкан, за да се зајакне стабилноста сега по руската агресија во Украина.“

„Во врска со паралелите дека односот на Русија кон Украина е сличен со оној на Бугарија кон с.Македонија, евроамбасадорот Дејвид Гир е убеден дека се работи за две крајно различни ситуации, нагласувајќи: ‘Ја отфрлам целосно оваа паралела. Во Украина гледаме градови, кои се бомбардирани од руската армија. Има лидер, кој вели дека Украина не е држава. Имаме воена агресија од Русија против суверена држава, чиј територијален интегритет е доведен во прашање.“ – цитира „Журнал“ во анализата.