„Пораката на Никола Димитров и искажаните резерви кон Бујар Османи се многу слични на пораките од типот ‘Албанецот не може да одлучува за македонскиот идентитет’. Во мултиетничка држава, каде што општеството во некои сегменти е поделено на двонационални линии, опасно е пласирањето вакви тези дека Албанците прават нешто на штета на Македонците, или Македонците на штета на Албанците.“ – вели информативната агенција „Журнал“ во својот редакциски коментар со наслов „Не е добро Димитров да им наштети на преговорите со Бугарија, ако причина за неговото незадоволство е тоа што останува без министерска позиција?!“
„Журнал“ пишува: „Потпретседателот на Владата за европски прашања Никола Димитров отворено изјави дека нема целосна доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи, подвлекувајќи дека неговите напори да се успее во преговарачкиот процес не само што се погрешни, туку се и опасни. Димитров уште вели: ‘Моите позиции за прашањето со Бугарија се различни од другите. За некои прашања нема преговори, не се преговара.“
„Не знаеме дали е случајно или намерно, но пораката на Димитров и искажаните резерви кон Бујар Османи се многу слични на пораките од типот ‘Албанецот не може да одлучува за македонскиот идентитет.’ Можеби грешиме, но кај значителен дел од јавноста, особено кај Албанците, се создава таков впечаток. Очигледно, некои нијанси на оваа изјава се слични на изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, кој во интервју го постави прашањето: ‘Кој е Бујар Османи да одлучува за мојот идентитет?“
„Во мултиетничка држава, каде што општеството во некои сегменти е поделено на двонационални линии, се знае колку е опасно пласирањето на вакви тези дека Албанците прават нешто на штета на Македонците, или Македонците на штета на Албанците. Тоа се тези, кои можат да му нанесат штета на целиот процес, или да го вратат назад, уништувајќи го досега сработеното, за што несомнено придонесе и самиот Димитров.“
„Не ни е јасно зошто покренува вакви дилеми Димитров, политичарот кој како вицепремиер за европски прашања потпиша храбар договор како што е Договорот од Преспа. Не веруваме дека заборавил оти и за време на преговорите за Договорот од Преспа се отвораа истите сомнежи како сега – дека се загрозуваат идентитетот и државата. Но, резултатите од тој договор сега ги уживаат сите оние кои беа за и оние кои беа против, со тоа што се наоѓаме под чадорот на најмоќната воена организација во светот НАТО.“
„Не е добро никој да му наштетува од лични побуди на следниот стремеж на граѓаните Македонија час поскоро да се зачлени и во Европската Унија, во време кога преговорите со Бугарија земаат оптимистички замав. Такво нешто, намерно или ненамерно, не е добро не само за сегашните, туку и за идните генерации.“ – заклучува „Журнал“ во својот редакциски коментар.
Home Македонија „Журнал“: Во двонационално поделено општество опасни се тезите оти Албанците им наштетуваат...





