„Првите 100 дена може да се сметаат за неуспешни за 90 отсто од градоначалниците, кои беа избрани и реизбрани на последните локални избори. ВМРО-ДПМНЕ ги користи првите 100 дена од работата на градоначалниците, за да го одржи победничкиот дух на локалните избори, но се покажа и како најсериозна партија во однос на отчетноста за работата на тие градоначалници. Добро е и другите партии да го следат ова.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својот коментар со наслов „Градоначалниците ги потрошија првите 100 дена: колку можеме да бидеме задоволни од нивните резултати?“.
„Журнал“ пишува. „Периодот од 100 дена се смета како прва тест ‘станица’ за функционерите, што заземаат позиции, за да биде анализирана нивната работа, но и заради отчет пред јавноста. Поминаа првите 100 дена од изборот и реизборот на градоначалниците на последните локални избори. Првите 100 дена може да се сметаат за неуспешни за 90 отсто од тие градоначалници. Имаше многу ветувања, но кога се работи за остварувања, има уште многу да се посакува. Секакви проекти, објекти, сали, инвестиции, водовод, канализација, што не беше ветено пред избори, но досега речиси ништо не е реализирано. Секое неисполнување на ветувањата може да се оправда со енергетската и економската криза, иако да не беше оваа криза, тие би нашле друго оправдување без проблем.“
„Кога станува збор за неуспесите, врз основа на многуте анализи кои се направени во јавноста, предводи новоизбраната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.Таа беше единствената кандидатка, која дел од ветувањата ги ограничи со временски рок од 82, а не за 100 дена, но реализацијата изостана. Поради оваа причина Арсовска е обвинета од партиите, кои не ја поддржале, но и од голем дел од јавноста, дека ги лажела граѓаните дека во првите 82 дена од мандатот ги исчистила сите депонии во град Скопје.“
„Се уште нема знаци дека ќе се исполни едно од главните ветувања дека градскиот превоз во Скопје ќе биде бесплатен за сите граѓани. Напротив, градскиот превоз останува скап и на рамниште, кое тешко можат да си го дозволат многумина скопјани. Кандидатката која беше фалена дека по некои работи е меѓу најдобрите кадри во Европа, во првите 100 дена не не убеди ништо во поглед на предизборните пофалби. Наместо градоначалничката на главниот град да биде позитивен пример за градоначалниците на сите други општини, таа остана во сенка на многумина од нив.“
„Што се однесува до претседателите на албанските општини и овде нема простор за многу оптимизам. Повеќето од тие градоначалници трчаат горе-долу, се фотографираат, се рекламираат, но многу од албанските општини се уште се на многу пониско ниво во сите аспекти, споредено со македонските општини. И во однос на инфраструктурата, во однос на инвестициите, јавните услуги, урбаниот хаос… албанските општини продолжуваат да стагнираат во споредба со општините со македонско мнозинство. Не сакаме да создаваме општ впечаток за нив врз основа на првите 100 дена, но јасно е дека треба да бидат поенергични на дело, бидејќи нашите села и градови се празнат секој ден, поради лошите услови во околините, каде што живеат.“
„ВМРО-ДПМНЕ ги користи првите 100 дена од работата на градоначалниците, за да го одржи победничкиот дух на локалните избори. ‘Промените кои носат иднина’ беше мотото на целодневната манифестација, на која оваа партија објави се што направија нејзините градоначалници во првите сто дена. Во рамки на настанот партискиот лидер Христијан Мицкоски одржа говор (прекинат поради недостиг на струја). Претходно беа организирани три посебни панели со различни теми: ‘Што наследија општините?’, ‘Европските практики во локалната самоуправа’ и ‘Младите и нивната перспектива во општините“.
„Покрај ова, во наредните три недели ќе бидат организирани шест регионални извештаи на територијата на Република Македонија, при што ќе бидат презентирани поодделно реализираните проекти. Иако главниот мотив е можеби одржувањето на политичкиот дух од победата на изборите, сепак ВМРО-ДПМНЕ се покажа како најсериозна партија во однос на отчетноста за работата на градоначалниците. Добро е и другите партии да го следат ова.“ – заклучува „Журнал“ во својот коментар.
Home Македонија „Журнал“: „ВМРО ДПМНЕ најсериозна во отчетноста за работата на своите градоначалници –...





