„Ветераните од 2001 година подготвија закон за статусот на УЧК, но ќе му го испратат на албанскиот премиер Талат Џафери, ако гарантира дека ќе помине во Владата! Со тој предлог-закон тие бараат определување на статусот и финансиска поддршка преку пензии и посебни бенефиции за категориите произлезени од Албанската национална војска – УЧК: за мачениците, инвалидите, ветераните, борците на УЧК и поблиските членови на нивните семејства.“ – објави информативната агенција на албански јазик „Журнал“.
„Журнал“ пишува: Веста за изборот на првиот албански премиер со особена радост ја дочекаа ветераните на УЧК. Со изборот на Џафери тие гледаат светло на крајот од тунелот за нивниот статус, нерешен повеќе од две децении.Најистакнатите ветерани од 2001 година повторно се собрале, сега не за да се борат, туку да подготват предлог-закон за решавање на нивниот статус. Подготовките на овој предлог-закон започнаа откако беше постигнат договорот за избор на Талат Џафер како премиер во последните 100 дена од Владата. Законот сега е подготвен и многу брзо ќе биде доставен до премиерскиот кабинет.
„Се надеваме дека премиерот Џафери ќе го помине Законот со брза постапка во Владата и ќе го испрати до Собранието на усвојување. Првин очекуваме јавна гаранција од него дека ќе го направи ова, па тогаш ќе го поднесеме предложениот закон. Во спротивно, тоа не би имало ефект и би ги изложило подготвувачите на законот под политички притисок.“ – вели еден од изготвувачите на предлог-законот.
Тој и неговите другари инсистираат да не се појавуваат пред јавноста додека не добијат гаранција од премиерот Џафери дека Законот за статусот на ОВК ќе помине во Владата.
„Сега имаме две можности: и функцијата премиер и добар закон. Грев е ова да не се искористи. За нас е важно Законот да помине во Владата. Најтешката задача ќе биде да помине во Собрание, но ако помине во Влада, тогаш решението за статусот на УЧК ќе тргне на добар пат.“ – нагласува овој ветеран од војната од 2001 година.
Предлагачите инсистираат на посебен закон за УЧК, а не за вклучување во законот за „бранители“, „бидејќи решението може да биде сложено и оддолжено.“ – велат изготвувачите на предложениот закон, наведувајќи дека покрај статусот на поранешните припадници на УЧК предлог-законот предвидува и регулирање на статусот и на граѓанските инвалиди од војната од 2001 година.
Покрај поранешните борци на УЧК, во изготвувањето на споменатиот закон учествувале и познати адвокати-Албанци. Во дел од неговите одредби се истакнува: „Целта на овој закон е определување на статусот и финансиска поддршка преку пензии и посебни бенефиции за категориите произлезени од Албанската национална војска – УЧК: мачениците, инвалидите, ветераните, борците на УЧК и поблиските членови на нивните семејства. Категориите произлезени од Албанската национална војска со своето жртвување и придонесот кон рамноправноста на граѓаните беа решавачки чинител за остварувањето на рамноправноста на граѓаните и за забрзување на интегрирањето на земјата во евроатлантските структури.“





