„Изгледа дека целосно згаснаа надежите дека ќе се надмине спорот со Бугарија и оти Македонија ќе добие датум за почнување на преговорите со Европската Унија. Тоа го истакна и заменик – претседателот на Владата за европски прашања Никола Димитров. Тој предупреди да не се надеваме на такво нешто, бидејќи не е можно да се постигне во овој месец декември. Тоа ќе има силно влијание врз внатрешната политика.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својот уреднички коментар.
Журнал“ пишува: „Овие постојани спорови и ги блокираат на Македонија нејзините развојни и интегративни патишта: веќе триесет години таа се соочува постојано со недоразбирања со соседите. Тоа предизвика Македонија да доживува назадување и тешки последици во својот севкупен развој. Сигналите кои се испраќаат повторно не се добри, бидејќи Бугарија не го променила својот став, што подразбира дека ветото останува на сила. Како последица на тоа повторно ниту во декември нема да имаме датум, за да почнат преговорите за зачленување во ЕУ. Ова ќе биде многу силен удар за Македонија и ќе има силно влијание врз политичката стабилност.“
Дали неуспехот за добивање ‘зелено светло’ од ЕУ за почнување преговори ќе ја разниша Македонија?!
„Досега интегративниот пат беше надеж и мотив за силно ангажирање во усвојувањето и применувањето на реформите, кои беа услов од ЕУ. Тие влијаеа позитивно врз животот на граѓаните на Македонија. Во исто време идејата за интегрирање беше катализатор, за одржување на мирот и стабилноста и тие се многу важни чинители, за постигнување мир и севкупен развој. Ова е многу потребно, имајќи го предвид конфликтното минато на Македонија.“
„Последниот спор со Софија го доведе Скопје до многу деликатен и во исто време многу опасен крстопат, бидејќи блокадата на добивањето датум за преговори со Брисел се одразува силно врз внатрешната стабилност. Често пати ова се претвораше во безбедносен предизвик, бидејќи немањето перспектива за преговори и за интегрирање во ЕУ директно влијае врз порастот на меѓуетничката напнатост. Тоа е најголемата опасност, која му се заканува на мирот во државата. Повеќе од еден месец Македонија се соочува со многу силна политичка криза: во овој период има – нема Влада и ова се одразува како казна во во смисла на блокирање и нефункционирање на институциите на државата. Сето тоа влијае врз влошување на општата ситуација и го загрозува мирот во земјата, бидејќи состојбата станува се потешка секој ден.“
„Она што одржуваше еден вид стабилност беше можноста за добивање на ‘зеленото светло’ за почнување на преговори. Ова беше главната причина, што ја спаси сегашната извршна власт од предлогот за гласање, покренат од опозициските партии со цел да ја урнат Владата. Партиите на власта се стремеа да ги убедат пратениците да остане оваа Влада, бидејќи таа би обезбедила датум за Македонија на ЕУ – самитот во декември. Преку ова тврдење тие партии успеаја да ја ‘спасат’ Владата.“
„Во услови кога таков мотив не постои, бидејќи ветото на Софија и натаму е на сила, политичката криза во Македонија може само да се продлабочува, да се влошува, бидејќи политичката реакција и фрустрација ќе се зголемуваат уште повеќе. Целата оваа ситуација може да доведе до внатрешна политичка нестабилност, а со нерешени етнички прашања таа многу лесно може да премине лесно и во оваа сфера.“
„Тоа би ги загрозило мирот и внатрешната стабилност во Македонија, но и во целиот регион, бидејќи последиците од неа ќе имаат домино – ефект. Ова е реална можност, имајќи предвид дека некои политички фактори во Албанија повикуваат таа да се раздвои од Македонија, бидејќи според нив Албанија не треба да се казнува за спорот, што го имаат Скопје и Софија. Ако Албанија добие ‘зелено’ светло за отпочнување на преговорите, а ако Македонија остане блокирана, тогаш предвидувањата се многу мрачни за Македонија, бидејќи дестабилизацијата ќе биде неодбежна.“
„Во овие услови политичката криза треба да се реши многу порано пред 14.декември 2021 година, бидејќи ако ова не се случи и ако земјата не добие ‘зелено светло’, тогаш иднината на Македонија ќе се најде на многу опасен и деликатен крстопат, кој може да го ‘зарази’ сиот регион, кој и онака е нестабилен.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.





