„Журнал“: Преку датумите за европреговори Владата тактизира и манипулира со јавното мислење!

„Исфрлањето секој месец по еден нов датум кога ќе биде добиен датум за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ претставува форма на тактизирање и обиди за манипулирање со јавното мислење. Преку повеќекратното одложување на датумите за решавање на спорот со Бугарија се зголемува евроскептицизмот и се намалуваат подготвеноста и евроинтегративниот ентузијазам кај граѓаните, но и довербата во компетентните институции.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својот уреднички коментар со наслов „Владата секој месец ‘исфрла’ по еден датум за почеток на преговорите – тактизирање што може да чини скапо!“



„Журнал“ пишува“: „Спорот меѓу Бугарија и Македонија се чини дека нема да најде решение пред самитот во декември, на кој Македонија се надеваше дека ќе добие датум за почеток на преговорите. На некој начин тоа го покажуваат и изјавите на високите претставници на официјално Скопје, кои тактизираат со датумите и сега почнаа да го споменуваат јануари 2022 година како пореалистичен за вклучување на ‘зеленото светло’. Но, повторно постои скептицизам дека ќе се постигне успех во оваа насока. Тоа може да произведе негативни ефекти и да го зголеми евроскептицизмот кај граѓаните на Македонија.“

„Бугарското спротивставување удри врз надежите и ентузијазмот на Македонија за побрза интеграција во ЕУ: Бугарија го искористи правото на вето и преку него го блокираше отпочнувањето на преговорите. Оваа ситуација ги најде неподготвени и граѓаните и државниот врв: наместо со ЕУ требаше да почнеме преговори со Бугарија, за да се реши новиот спор, кој повторно ја блокираше Македонија. Сево ова ги зголеми скептицизмот и песимизмот во јавното мислење.“

„Лидерите на Македонија изјавија дека на самитот во јуни годинава, што ќе го одржи ЕУ, ќе добиеме ‘зелено светло’, бидејќи Бугарија ќе го смени ставот. Но, тој ден дојде и пак останавме без почнати преговори, со вето во сила и со нерешен спор, кој предупредуваше дека не е толку лесно постигнувањето на едно усогласување независно од ‘оптимизмот’, што преовладуваше кај македонските лидери. Увидувајќи го потфрлањето да се добие датум, највисоките државни личности почнаа да тактизираат со можниот датум за решавање на спорот: како датум го наведоа и септември, кога, според нив, ќе се најде конечно решение на спорот со Бугарија. Но, да бидеме реални: постоеше верување дека ќе ни се повтори она што се случи во јуни.“

„Политичката криза, која ја зафати Бугарија, ја усложнува уште повеќе можноста за постигнување компромис, за да се реши спорот. Во ваквата ситуација македонските политичари не се двоумеа да објават дека ноември годинава е новиот датум кога би се дошло до договор со Бугарија. Државните институции беа убедени дека тоа би и овозможило на Македонија на самитот во декември да добие ‘зелено светло’ од ЕУ. Но, овој ентузијазам на политичките раководители не се одразуваше и врз граѓаните, бидејќи тие беа пореалистични дека тоа нема да се случи.“

„Политичката криза во Бугарија не само што не се решава, туку се компликува уште повеќе. Парламентарните избори во Бугарија на 14 ноември создадоа поворно кревко парламентарно мнозинство и ова подразбира дека ќе биде потребен долг период да се дојде до ново мнозинство во оваа соседна држава. Ова покажува дека ќе биде пропуштен и самитот во декември, заради добивањето на датум за преговори. Нашите лидери не се воздржуваат да дадат нов датум дека овојпат не ноември, не декември, туку во јануари 20922 година ќе се надминат недоразбирањата со Бугарија.“

„Ова претставува форма на тактизирање и обиди за манипулирање со јавното мислење преку повеќекратно одложување на датумите за решавање на спорот со Бугарија.“ – заклучува „Журнал“ во својот уреднички коментар посветен на евроинтеграциските стремежи на Македонија.