„Потребни се предвремени парламентарни избори и придонес на меѓународниот чинител, за да ја надмине Македонија тешката и мрачна ситуација, во која се наоѓа.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал’ во својот редакциски коментар со наслов „Дали Македонија има потреба за предвремени избори?“
„Журнал“ пишува: „Македонија се соочува со многу предизвици во последните денови, со многубројни последователни скандали и не се знае каква ќе биде судбината на државата, во која насока ќе оди и што ќе следи натаму.“
„Надежта на граѓаните во промената на власта по уривањето на еден режим беше дека ќе има нова клима во државата, со што ќе се стави крај на корупциските скандали и оти државните органи ќе ја спроведуваат правдата правично и неселективно. Граѓаните ја загубија довербата во институциите и тоа го потврдуваат анкетите што ги направиле надлежните институции за довербата од страна на граѓаните: тие имаат само 8 проценти доверба во судството. Од директните медиумски интервјуа граѓаните велат дека 8 отсто дури е и многу, оти нивната доверба е рамна на нула.“
„Состојбата со пандемијата доведе до зголемување на случаите на корупција во здравствениот систем, особено со потпишувањето договори за набавка на вакцини од меѓународни компании. Многу се актуелни и последните два случаја на корупција – со секретар на Владата и обвинители – и тоа отвора, исто така, многу дилеми во јавноста: што се случи со претходните многу потешки коруптивни случаи?“
„Борбата против корупцијата доведе до состојба случаите на корупција веќе да се објавуваат во медиумите и во странство. Но, напоредно со борбата против корупцијата уште поважно е таа да се спречи во секоја институција од страна на одговорните институции, бидејќи само превенцијата го намалува нивото на корупција. Значи, не е доволно само да се бориме кога ќе биде откриено, туку и да спречиме воопшто да не се случи.“
„По ова безаконие се поставува прашањето: како натаму? Дали на Македонија и се потребни предвремени парламентарни избори и промена на Владата? Земјата е соочена со големи промени, кои неодбежно ќе се случат, но дали капацитетот на државата е доволен да ги постигне овие цели и да ги реализира тие промени?“
„Во вакви ситуации кога државата е заринкана во кал и кога не функционира како што треба, неодбежна е помошта на меѓународната заедница да и даде потребна поддршка и да и помогне на Македонија во овие напори за нормално функционирање. Значи, покрај изборите, потребен е и придонесот на меѓународниот фактор за надминување на оваа тешка и мрачна ситуација, во која се наоѓа Македонија.“ – заклучува „Журнал“ во својот редакциски коментар.
Инаку, информативната агенција „Журнал“ е блиска до одредени влијателни струи во раководните структури на Демократската унија за интеграција и со својот став дека се потребни предвремени парламентарни избори во Македонија таа отвора дилема: дали заложбата за предвремени избори е став само на раководството на „Журнал“, или е можеби и одреден сигнал од важни фактори во самата партија на Али Ахмети?





