„Градоначалникот на Тетово Билал Касами на прес-конференција обелодени милионска афера, што ја создало поранешното раководство на општината и соопшти дека е поднесена кривична пријава против поранешната градоначалничка Теута Арифи, како и против еден судија, адвокат и општински функционер.“ – јави информативната агенција на албански јазик „Журнал“.
„Журнал“ пишува: „Во врска со оваа афера градоначалникот Касами поднесе и кривична пријава. Според градоначалникот, во еден случај на експропријација, кој датира од 80-тите години од минатиот век и кој бил реактивиран во 2015 година, вредноста на експропријацијата била 3 милиони денари, а каматата за оваа сума достасала дури до 65 милиони денари. За тој предмет, како што кажа Билал Касами, сите судски одлуки се позитивни. Но, тој се сомнева дека претходното раководство намерно не го обжалило решението, за кое денеска општина Тетово плаќа камата и со тоа се оштетуваат не само буџетот на општината, туку и граѓаните.“
„Денеска свикавме прес-конференција, за да ја информираме јавноста дека ние, како општина, поднесовме кривична пријава против поранешниот градоначалник Теута Арифи и нејзин близок функционер, како и против судија и адвокат, поради сомнение дека ги злоупотребиле овластувањето и службената положба со оштетување на буџетот на општина Тетово во износ од 68 милиони денари. За тој случај откако го презедовме мандатот само за камати сме платиле повеќе од 29 милиони денари, или приближно половина милион евра. Станува збор за случајот бр. П47/20, односно за имот, чија експропријација била извршена многу порано и вредноста била близу 40 илјади евра. Поранешните челници не реагираа навреме и не поднесоа никаков приговор или договор со лицето поврзано со овој предмет, за да спречат оштетување на буџетот на општина Тетово, туку тие имаа цел да ги искористат можните пазарења, што можеше да се направат со тоа лице.’ – рече Касами.“
„Според градоначалникот на Тетово Касами, граѓаните имаат право да знаат зошто е блокирана сметката на Општина Тетово, што го кочи нормалното функционирање на локалната власт.“





