„Последните неколку дена се проследени со сензационални политички случувања. Иако овие случувања се зад сцената и далеку од очите на јавноста, неофицијално се дознава дека тие можат да предизвикаат вистинска политичка криза во земјата. Причина за кризата е незадоволството на дел од пратениците на СДСМ до таа мера што се премислуваат дали да гласаат, или не, за Талат Џафери како премиер на техничката Влада на 28 јануари.“ – објави информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата информација со наслов „Петмина пратеници од СДСМ се премислуваат дали ќе гласаат за Талат Џафери како премиер?“
Повикувајќи се на свои извори, „Журнал“ пишува: Незадоволството на дел од овие пет пратеници е од индивидуални причини, кај некои од политички причини, но во секој случај тие може да го загрозат изборот на првиот премиер-Албанец.
Сега ДУИ размислува за други можности, одржувајќи контакти со пратеници од албанската опозиција, за да гласаат и тие за Талат Џафери како премиер, заради „националниот интерес“. Побарана е дури и помош од меѓународниот чинител, но од таму е пристигнат одговор дека е ова внатрешно политичко прашање, кое мора да го надминат сами овдешните субјекти.





