„Журнал“: „Опасен е македонскиот јазик, на кој се вели дека албанскиот јазик е опасност – македонскиот јазик го блокира ЕУ-процесот“

„Некои македонски академици и поранешни политичари велат дека ‘албанскиот јазик е опасен’. Но, опасен е самиот јазик, на којшто се вели дека албанскиот јазик е опасен. На македонски јазик се вели дека албанскиот јазик претставува опасност, а забораваат дека македонскиот јазик го блокира евроинтегративниот процес на с.Македонија, како дел од расправата меѓу неа и Бугарија.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Албанскиот јазик има албански корени, нема бугарски корени, затоа не е опасен“. „Журнал“ во статијата на некоректен начин иронизира со македонскиот јазик, уште во самиот наслов алудирајќи на апсурдните и негаторски ставови на Бугарија дека „македонскиот јазик има бугарски корени“, а оти „албанскиот ги нема“.

„Журнал“ пишува: „Софија искажа став дека македонската страна не го спроведува договорот за добрососедство, што се однесува до историските аспекти. Бугарија поднесе и други барања за јазикот и идентитетот, барајќи од македонската страна да признае дека имаат ‘бугарски корени’ и оти ‘Македонците и нивниот јазик пред 1944 година биле бугарски’. Албанскиот јазик не е опасен, бидејќи досега не бил пречка во ниеден геостратегиски процес на државата. Никому не му пречи, затоа што тој не е јазик на никој друг освен на Албанците и корените на албанскиот јазик се албански.“



„Сега се многу повисоки предиспозициите во случај да се постигне договор при отворањето на Уставот во него да се вметне бугарскиот народ. Отворањето на Уставот нема да заврши само со оваа промена, бидејќи и Албанците бараат да се избрише формулацијата ‘јазик кој го говорат најмалку 20 проценти од населението’ и да се замени со изразот ‘албански јазик’. За да државотворниот албански народ не се чувствува исклучен, идентификувајќи се со проценти.“

„Против отстранувањето на ’20 отсто’ не е ниту Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Големи се очекувањата тоа да се случи. Бројката ’20 отсто’ ја има само во Уставот. Во резултатите од пописот стои бројката од 29,5 отсто. Албанците се државотворен народ, така и албанскиот е јазик, а не процент.“

„Но, ги има и од оние, кои албанскиот јазик го гледаат како опасен. Поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски вели дека официјализирањето на албанскиот јазик на рамниште на цела Македонија може да биде опасно. ‘Изразот ’20 отсто’ е резултат на промената на Уставот од 2001 година. Може да се случи Албанците на поинаков начин да ги сфатат новото отворање на Уставот и укинувањето на квотата. Ќе биде проблем, ако се работи за тоа албанскиот да биде официјален на целата територија на државата, без оглед колку Албанци има. Отворањето на Уставот е отворање на ‘Пандорината кутија’. Тоа отворање и отстранувањето на квотата од 20 проценти може да ги дестабилизира меѓуетничките односи, да предизвика меѓуетнички судири во с.Македонија.’ – изјави Петковски за ‘Плусинфо’.“

„Албанските политички партии имаат единствен, ист став дека изразот ’20 отсто’ треба да се отстрани од Уставот. Има волја за отстранување на дискриминацијата. Треба да се докаже таа волја со создавање на потребното мнозинство во Парламентот, заради промена на Уставот. Албанскиот јазик не е никаква опасност за државата. Оние кои гледаат на него како опасност, ги искажуваат своите дискриминаторски и репресивни чувства.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.