„Журнал“: „Коренити’ реформи: ‘корени пуштаат’ фабрика за марихуана до училиште во Драслајца, а казино до градинка во Тетово“

„Во Македонија постојано се прокламираат и се ветуваат реформи во образованието. Но, започна да се спроведува единствен реформски процес, кој го нема во ниту една земја во Европа, а можеби ни во Колумбија и Мексико. Станува збор за такви ‘коренити’ реформи, што во близина на училиштето во струшкото село Драслајца ‘корени ќе пушти’ една фабрика за марихуана, додека кај тетовската градинка ‘Младост’ започна ‘да пушта корени’ и едно казино.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својот коментар со наслов „Македонија спроведува ‘коренити’ реформи во образованието: марихуаната ‘пушти корени’ кај училиштето во Струга, а казиното кај градинката во Тетово!“

„Журнал“ пишува: „Власта во Македонија изгледа се откажала од напорите да го реформира образованието на подобро, па сега сака да развие реформа во спротивна насока. Изгледа дека Министерството за образование и наука дошло до заклучок дека е полесно да се образуваат генерациите уште од најмала возраст да го ‘вадат лебот’ во казината и од одгледување марихуана, отколку да се изморуваат 20 години, учејќи да станат лекари, професори, физичари, хемичари или во други дејности.“

„Казината станаа појава, што се шири како печурки после дожд. Уште полошо е тоа што, што во потрага по профит, компаниите и сопствениците на казина не го избираат ниту местото ниту соодветниот простор. Се градат во близина на училишта, во близина на болници, покрај градинки и насекаде каде што се проценува дека ќе имаат најголем профит. Последниот случај е казино, кое се подготвува да се отвори во близина на градинката ‘Младост’ во Тетово, додека надлежните институции молчат.“

„Наместо државата законски да регулира казината да бидат колку е можно подалеку од овие чувствителни институции, родителите на децата и граѓанскиот сектор се принудени да се организираат, за да го спречат отворањето на казиното до предучилишната установа. Се користи стратегија преку која постојано си поигруваат со трпението и кондицијата на граѓаните да се спротивставуваат на оваа појава, се додека еден ден не се изморат и не се откажат.“

„Предлог-законот за коцкање, со кој се забранува отворање казина и обложувалници во близина на образовни и јавни институции, се одолговлекува подолго време. Во меѓувреме, ова е втор случај во Тетово да се отвораат казина во близина на училишни објекти. Првиот случај беше оној во близина на државниот Универзитет во Тетово, кој беше блокиран со протести. Има уште поизразен случај во Струга. Жителите на некои села во оваа општина се вознемирени, бидејќи на само 100 метри од основното училиште во село Драслајца, каде што учат нивните деца, се гради фабрика за марихуана.“

„Родителите со право велат дека се плашат од дрога и прашуваат каква заштита ќе имаат нивните деца, кои ќе учат на 50 или 100 метри оддалеченост од фабриката за марихуана. Дали надлежните институции ќе покажат разбирање за грижата на овие родители останува да видиме, бидејќи во ова основно училиште учат околу 150 деца од трите струшки села Драслајца, Мороишта и Ложани. “

„Но, дел од штетата е веќе направена и не само што треба да се забрани изградбата на фабриката за марихуана, туку и оние, кои дале дозвола, да понесат барем морална одговорност, бидејќи во Македонија ретко се покренува кривична одговорност кон оние што прават грешки. Истото треба да важи и за казиното во Тетово, со цел граѓаните во иднина да не бидат вознемирувани со обидите за отворање казина блиску до образовни институции.“ – заклучува „Журнал“ во својот коментар.