„На локалните избори во Кичево СДСМ нема да има свој кандидат за градоначалник и ќе го поддржи кандидатот на ДУИ. Исто така, и ВМРО ДПМНЕ нема да истакне свој кандидат, туку ќе го поддржи кандидатот на опозициската коалиција Алијанса на Албанците – Алтернатива. Ова значи дека албанскиот етникум ќе продолжи да раководи со оваа општина. На локалните избори ќе се води остра борба меѓу албанската позиција и албанската опозиција. Кичево останува тврдина на Албанците.“ – тврди информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својот уреднички коментар, кој го објави под наслов „Кичево останува тврдина на Албанците, нема потреба за етикетирања ‘предавници’ – ова е чиста политичка борба!“
Агенцијата пишува: „Кичево се претвори во најжешка точка на претстојните локални избори во Македонија, откако овој изборен натпревар стана личен судир. Ова задоби и етнички бои во последните денови, кои ја влошија предизборната атмосфера во оваа општина.“
Во уредничкиот коментар натаму се изнесува: „Кичево било историски тврдина на Демократската унија за интеграција. Таа во оваа општина доминирала уште од своето основање. Но, изгледа дека овие избори ќе ја разнишаат ДУИ во родното место на нејзиниот лидер Али Ахмети. Оваа несигурност околу политичката иднина на Кичево уследи како последица на внатрешните судири, што се случија во ДУИ во последно време. Двете главни фигури Али Ахмети и Муса Џафери, кои доаѓаат од овој град, се поделени на два табора: секој од тие табори го поддржува својот кандидат на изборите на 17 октомври.“
„Нема потреба за делбите на ‘предавници’ и ‘патриоти’ кај Албанците кога станува збор за општина Кичево“ – вели „Журнал“: „Разликите меѓу Албанците и Македонците се многу тесни и секој раздор кај албанскиот политички чинител е многу сериозна закана за Албанците да го загубат управувањето со општина Кичево, за која се жртвуваа и се бореа многу, за да победат. Се води остра пропаганда во последните денови, која се стреми групите со различни политички ставови да ги подели на ‘предавници’, кои им нанесуваат штета на националните интереси заради лични цели и инаетења, и на ‘патриоти’, кои се борат против првата група, со цел да ги заштитат интересите на народот.“
Во едиторијалот на „Журнал“ се тврди дека на локалните избори во Кичево претстои само судир меѓу ДУИ и коалицијата Алијансата на Албанците – Алтернатива: „Ситуацијата е видно поинаква од она што ни се сервира: ставовите, кои ги заземаат македонските политички партии што се однесува до кандидатурите во општина Кичево, ни даваат до знаење да сфатиме дека ќе има многу силен судир меѓу ДУИ и опозициската коалиција Алијанса за Албанците – Алтернатива кој да раководи со Кичево. Постигнатата коалиција меѓу ДУИ и СДСМ предвидуваше во првиот круг тие да се натпреваруваат сами, додека во вториот круг на локалните избори да се поддржат едни со други. Во некои општини е направен исклучок. Една од тие општини е Кичево, каде што најголемата македонска партија нема да има свој кандидат, што подразбира дека таа ќе го поддржи кандидатот на ДУИ.“
„Според сознанијата на агенцијата ‘Журнал’, ВМРО ДПМНЕ нема да се натпреварува во општина Кичево со свој кандидат и ова подразбира дека најголемата македонска опозициска партија ќе го поддржи кандидатот на албанската опозиција, односно на Алијансата на Албанците и на Алтернатива.
Тоа покажува дека битката за Кичево ќе биде меѓу албанските кандидати: тука нема битка меѓу ‘патриоти’ и ‘предавници’, туку е чиста политичка борба меѓу албанската позиција и албанската опозиција. Албанскиот етникум ќе продолжи и следните четири години да раководи со Кичево.“ – заклучува „Журнал“ во својот уреднички коментар посветен на локалните избори во Кичево.
Според најавите во Кичево во игра е и трет кандидат за градоначалник предложен од Чаирската група на Изет Меџити и Муса Џафери.




