„Внатрешните поделби во ВМРО-ДПМНЕ, кои излегоа неочекувано на површина во време кога раководството на оваа партија гарантираше највисоко рамниште на внатрепартиско единство, ги поздравува оној дел на јавното мислење, кое е за евроинтеграциите на * Македонија. Овие поделби се сметаат дури и како светлина на крајот од тунелот, за деблокирање на почетокот на преговорите за членство на земјата во Европската унија.“ – се вели во уредничкиот коментар на информативната агенција на албански јазик „Журнал“, објавен со наслов „Граѓаните и евроинтеграциите имаат корист од поделбите во ВМРО-ДПМНЕ!“.
„Журнал“ натаму пишува: Разнишувањето на „централизмот“ во оваа партија донесува основан оптимизам дека ќе може полесно да се обезбедат потребните пратеници со прозападно убедување, кои ќе гласаат за техничките уставни измени, како пречка за почеток на преговорите. Овој дел од јавното мислење, кој, според сите анкети, е апсолутно мнозинство од повеќе од 70 проценти, посакува овие поделби да се продлабочат уште повеќе, бидејќи на тој начин само се отвораат патиштата за побрза интеграција, кои беа блокирани, поради инаетењето на некои политичари.
Дали повторно ќе се формираат „ВМРО-Вистинска“, „ВМРО-Народна“, „ВМРО-Забавна…“?
Сегашните поделби во ВМРО-ДПМНЕ се целосно слични на поделбите, што се случија во оваа партија во 2004 година. Протагонист од една страна тогаш беше Никола Груевски, но во спротивна улога, во која е сега. По претседателските избори, на кои Бранко Црвенковски од СДСМ го победи Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски јавно го обвини својот претходник Љупчо Георгиевски, инаку недопирливата икона на ВМРО-ДПМНЕ, дека му „забол нож во грб“ на претседателските избори, работејќи против Кедев и во корист на Црвенковски.
Судирите Груевски-Георгиевски доведоа до поделба на ВМРО-ДПМНЕ на повеќе партии, како „ВМРО-Вистинска“, „ВМРО-Народна“, но и други партии, предводени од функционери, кои се разделија меѓу себе, по главната поделба меѓу Груевски и Георгиевски. Сега се ќе зависи од тоа како ќе се однесуваат политичките личности во оваа партија. Зависи кој ќе му остане верен на Мицковски, а кој ќе го поддржи Груевски. Но, распарчувањето на ВМРО ДПМНЕ се смета дека е веќе започнато пред 10 дена, кога започна и официјалното собирање потписи за новата партија на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која ќе се вика „Правда“.
Пародија, која ни користи
Најновите поделби во ВМРО-ПДМНЕ почнаа со обвинувањата на сегашниот претседател на партијата Христијан Мицковски кон Груевски, искажани во интервјуто за германскиот весник ВАЦ. Мицковски го обвини Груевски дека е во контакт со владата на СДСМ-ДУИ, а Груевски негираше такво нешто барајќи доказ од Мицковски за тврдењата, што ги дал. Мицкоски денеска повторно реагираше на најновите ставови на Никола Груевски за политичките случувања во земјава, оценувајќи ги неговите реакции како „јавна пародија, која ќе служи за пренасочување на вниманието од криминалот на актуелната власт“. Мицкоски пишува на фејсбук дека нема потреба од дијалог преку медиумите и оти нема намера да биде дел од сценариото за создавање неединство во корист на власта.
„Ниту државата, ниту граѓаните, ниту Американците и Европејците, ниту СДСМ и ДУИ не се непријатели на ВМРО ДПМНЕ, туку сите напредни сили во земјата, кои му ја поддаваат раката на ВМРО ДПМНЕ да се откаже од својата изолационистичка политика и да стане дел на Европска Македонија.“ – реагираше ДУИ во врска со овие случувања во ВМРО ДПМНЕ.





