Во текст со сугестија Договорот со Бугарија да се постигнува како ‘Преспанскиот“ медиумот на албански јазик од владата бара инволвирање на опозицијата во преговорите со Софија.
Информативната агенција на албански јазик оценува дека „барањето на ВМРО ДПМНЕ, втора по големина партија во земјата со 44 пратеници, да биде вклучена во преговарачкиот процес со Бугарија е легитимно“.
Според авторите „тврдоглавоста на владејачките партии да не бидат опфатени сите актери во решавањето на ова прашање е голема дипломатска грешка и со многу последици за земјата“. Овие ставови „Журнал“ ги изнесува во својот уреднички коментар под наслов „Зашто власта крие за што разговара со Бугарија?“
Агенцијата пишува: „Спорот меѓу Македонија и Бугарија не само што го блокираше интегративниот процес на Скопје, туку се претвори и во остра политичка битка во земјата. Партиите се обвинуваат една со друга за договори и ставови, кои ги загрозуваат идентитетот и иднината на државата. Немањето транспарентност и сеопфатност во овој процес влијаеше уште повеќе да се поларизира политичката ситуација во земјата.“
„Журнал“ смета дека „тврдоглавоста на владејачките партии да не бидат опфатени сите актери во решавањето на ова прашање е голема дипломатска грешка и со многу последици за земјата, бидејќи решението постигнато без вклученост на сите актери не донесува мир, внатрешна стабилност и добри односи со соседите, со кои е постигнат договорот“. Агенцијата предупредува дека „решението постигнато на таков начин се оспорува од голем дел од домашното мислење и од партијата, или партиите, кои утре ќе раководат со државата“.
Во својот едиторијал оваа информативна агенција посочува на начинот на постигнувањето на „Преспанскиот договор“: „Како држава не научивме од историјата на нетранспарентни преговори и договори, водени само од владејачките партии, дека тие придонесоа за зголемување на поларизациите во рамките на државата. Таков е случајот со Договорот од Преспа: преговорите ги водеа само владејачките партии и во целосен недостиг на транспарентност, тој договор не е прифатен и продолжува да се оспорува од ВМРО ДПМНЕ, кое нагласува дека со доаѓањето на власт ќе го смени договорот, оти е штетен за Македонија. Зошто треба да се направи истата политичка и дипломатска грешка, кога е можно да се избегне ова и да се донесе долгорочен договор и мир во Македонија?“






