„Зошто ДУИ не го поддржува Спасовски како кандидат за следниот претседател на државата, ако се точни информациите, кои кружат во медиумите?“ – ова прашање го поставува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Зошто ДУИ не го сака Спасовски како претседател?“
Покрај другото, натаму „Журнал“ пишува: Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за кој се вели дека ќе се кандидира за претседател на државата, во последниве месеци е ‘хиперактивен’ со своите активности. Во многу од тие активности е придружуван од важни западни дипломати во Скопје. Еден дел од јавноста на тоа гледа како сигнал на меѓународната заедница дека го поддржува сегашниот министер за внатрешни работи како иден претседател.
Но, зошто ДУИ не го поддржува Спасовски како кандидат за следниот претседател на државата, ако се точни информациите, кои кружат во медиумите? Има многу причини, но ќе анализираме некои од нив. Една од причините може да биде тоа што функцијата министер за внатрешни работи Албанците од * Македонија сè уште ја гледаат како функција со негативен контекст, без разлика кој ја извршува. Затоа ДУИ може да има стравови и сомнежи дека, ако поддржат министер за внатрешни работи, тоа може негативно да се одрази и на нив, уште повеќе што претседателските избори ќе се одржат на истиот ден со парламентарните избори.
ДУИ на почетокот на мандатот многу ги влоши односите со сегашниот претседател Стево Пендаровски, поради назначувањето на Еролд Муслиу како директор на Агенцијата за разузнавање. Сепак, оттогаш поминаа пет години и јавноста во голема мера ја заборави оваа иритација. Иако има спротивставени оценки за тоа дали Пендаровски би бил, или не бил добар претседател, поголемиот дел од албанската јавност се уште има впечаток дека тој е коректен политичар, кој им одговара на Албанците и оти како таков е полесно да биде поддржан од албанска партија.
Спасовски е меѓу последните министри во Владата, кој се уште опстојува како (некогаш) близок човек на поранешниот премиер Зоран Заев. Со оглед на тоа дека ДУИ ги прекина односите со Заев, поради информациите дека тој и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски еден период ги разгледувале плановите за создавање влада без ДУИ, можеби партијата на Али Ахмети е заинтересирана во најголема можна мера да ја ‘исчисти’ СДСМ од кадрите на Заев, кои се ангажираа ДУИ да замине во опозиција. Во овие рамки е недавањето поддршка за Оливер Спасовски. Спасовски неодамна уште повеќе ја истакна својата блискост со Заев, остварувајќи неколку средби, меѓу кои и заедничката средба во седиштето на СДСМ со Димитар Ковачевски.
Сепак, голема е веројатноста албанските партии да одлучат во вториот круг кој претседателски кандидат ќе го поддржат, со оглед на тоа што во првиот круг ќе имаат свои претседателски кандидати. Ова официјално го соопшти опозицискиот фронт, кој ќе се натпреварува со заеднички кандидат. Поради инерција, најверојатно ДУИ и Алијансата за Албанците ќе бидат принудени да настапат со свој кандидат.





