„Журнал“: „Државата порано ги малтретираше Албанците, но заедничката иднина е општество со вредности за сите“

„Државата ги малтретираше Албанците. Но, Македонците и Албанците мора да ја гледаат нивната иднина во создавањето динамично општество со европски стандарди и вредности за сите нив, без оглед на верските разлики, или политичката застапеност. ‘Ние сме со помрачени умови внатре во Македонија, ние сме само србофили, не сме ниту Југословени. Ова натаму ни прави проблеми во целата смисла на државјанството’ – токму такви беа ставовите и политичките позиции на македонските политичари, но не на оние кои што дејствуваат денес, туку на политичарите со искуство, кои беа протагонисти на политичката сцена во 90-тите години.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа, која ја објави со наслов „Кои се македонските политичари, кои јавно признаа дека им згрешиле на Албанците?“


„Журнал“ пишува: „Брзањето да се прогласи независностa на Македонија, денес с.Македонија, и да се избега од војната во Југославија и од злогласната ‘ЈНА’, создадоа недостатоци, кои потоа ќе остават многу последици при формирањето на државата. Оваа македонска политичка елита ќе го сфати тоа по конфликтот во 2001 година.“

„Поранешниот градоначалник на Скопје и поранешен претседател на Либерално-демократската партија Ристо Пенов во емисијата ‘Во центар’ призна дека во 90-тите години државата ги малтретирала Албанците кои, според него, оправдано барале повеќе права. ‘Aлбанците оправдано бараа повеќе права. Ги затегнавме на сите полиња. Со закон ги поделивме општините, со што Скопје, Кичево и Струга ги направивме градови со мнозинско македонско население. Ги издвоивме Сарај и Матка од Скопје, а во Струга го поделивме Велешта и уште едно село што претставува целосно дивјаштво. Отидовме толку далеку, што во Тетово на локалните избори иако победи Албанец, направивме да биде претседател Македонец – таткото на професорката Рената Дескоска.’ – рече Пенов.“

„Изјавата на Пенов е повод да споменеме и ставови на уште еден македонски политичар, кој е на иста линија со Пенов – поранешниот премиер Љупчо Георгиевски. Георгиевски има кажано: ‘Ние сме со помрачени умови внатре во Македонија, ние сме само србофили, не сме ниту Југословени. Ова натаму ни прави проблеми во целата смисла на државјанството.“

„Ниту поранешниот претседател на Собранието Стојан Андов не размислува поинаку од наведените двајцата негови поранешни колеги. ‘Општеството во Македонија е мултиетничко, државата исто така. За состојбата на една ваква сложена држава најголема одговорност имаат најголемите етникуми во државата, а тоа се Македонците и Албанците. Но, во 1991 година под влијание на наследениот пропаганден режим на Милошевиќ во Србија, ние во Македонија направивме некои грешки, особено кон нашите сограѓани Албанци. Првата грешка беше што не се усогласивме со Албанците како да се нарече референдумското прашање. Поради таа процедура ние, Македонците, имаме голема одговорност што Албанците од Македонија не излегоа на референдумот во 1991 година. Ова доведе до тоа пратениците-Албанци да не гласаат за првиот Устав на независна Македонија.’ – имаше изјавено Стојан Андов во едно интервју.“

„Новата класа на македонски политичари не прифаќаат такво нешто, па дури и да ги чини политички поени. с.Македонија продолжува да биде држава, во која политичарите, но и политичките партии, аирот го гледаат само во националистичката реторика.“ – заклучува „Журнал“ во анализата.