„Журнал“: Дали е потребен нов Нимиц за решавање на македонско-бугарскиот проблем, пред да се влезе во „филмот“ на Русија?

„Околу спорот со Бугарија Македонија запаѓа во нова сериозна ситуација, од која е потребен брз излез. Затоа, дали е потребен нов посредник од калибарот на Метју Нимиц, за да се стигне до решението на спорот?“ – прашува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа.

Журнал“ пишува: „Почетокот на француското претседателство со Европската Унија е момент, на кој навистина вреди да се гледа со оптимизам од политиката и од граѓаните на Македонија. Не се толку неосновани оптимистичките предвидувања дека шестмесечниот мандат на претседателот на Франција Емануел Макрон на чело на Европската Унија може да ни го донесе многуочекуваниот датум за почеток на преговорите за зачленување во европскиот клуб.“

„Спорот меѓу Македонија и Бугарија, кој го попречува добивањето на датумот не само за нашата земја, туку и за Албанија, нема долго ‘патување’ колку што имаше спорот со Грција за прашањето на името. Но, што се однесува до тежината и сложеноста спорот со Бугарија станува од ден на ден се потежок за решавање речиси исто како и проблемот со Грција. Такви сложени проблеми имаат капацитет да ги решат само државите – суперсили, како што е Франција на европско и светско рамниште, а во конкретниот случај и како земја – претседавач со ЕУ.

Што ако проблемот не се реши за време на француското претседавање со ЕУ?

„Но, што ако проблемот не се надмине ниту и за време на француското претседавање? Што ако во наредните шест месеци се храниме со ‘оптимизам на парче’, од типот ‘датумот можеме да добиеме во јануари, февруари, март, април или мај’ и ако почетокот на јуни 2022 година не најде повторно таму кај што сме сега токму поради бугарското вето? Да се надеваме дека работата нема да стаса дотаму. Но и ако стаса, тогаш, а можеби и порано, ќе треба да се постави прашањето: дали е потребен променет пристап кон преговорите?“

„Дали треба разговорите да задобијат една нова меѓународна димензија како што беше прашањето за името? Се наоѓаме во една нова сериозна ситуација, од која е потребен брз излез. Македонија треба да го постави прашањето: дали е потребен нов посредник од калибарот на Метју Нимиц, за да се стигне до решението? Единствено на што треба да се инсистира е спорот да не трае толку долго колку што траеше со Грција.“

Опасност проблемот Скопје – Софија да влезе во рускиот ‘филм’!

Новиот политички момент во Софија носи одреден оптимизам за надминување на спорот, бидејќи Бугарија помина низ мачен период од три последователни изборни циклуси, во кои спорот со Скопје беше меѓу топ – темите. Сепак, ова е претпоставен оптимизам, бидејќи мора да се докаже на дело, инаку не донесува ништо конкретно. Но, не е погрешно, ако се процени дека сега кога е формирана новата политичка, а не техничка Влада, оти Бугарија ќе има малку поинаков и поопуштен пристап.“

„Ова може да се согледа и во излагањето на премиерот на Бугарија Кирил Петков, кој за бугарската телевизија Нова изјави дека укинувањето на бугарското вето за Македонија е нешто, што треба да го направат владите на двете земји и да постигнат напредок во сите точки. Петков се надева дека добрососедските односи ќе бидат на прво место. Но, ова, според него, бара многу работа од двете страни.“

„Вознемиреноста ја зголемува и обидот на Русија да интервенира во овој спор на индиректен начин, бидејќи се создаваат сомнежи по филмот ‘Една вера, еден јазик’. Тоа го потврдува и бугарскиот премиер, кој на прашањето дали Русија се меша во односите меѓу Бугарија и Македонија со филмот „Една религија, еден јазик“, нагласи дека тезите изнесени во тој филм се против добрососедските односи меѓу Бугарија и Македонија. Тој потсетува дека бугарската влада се изјаснила против филмот и го критикува жестоко, покрај тоа што не го одобрува.“

„За да се спречи ризикот проблемот Скопје-Софија да се влезе во рускиот ‘филм’, важно е Западот да реагира час поскоро во формата што ја смета за најефикасна, бидејќи Македонија е немоќна да направи било што во ситуации кога континенталните геостратегии се вмешани во едно прашање каде што се одредува судбината на една мала држава.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.