„Се создаваат сомнежи дали со апсењето на неговиот внук Дрин Ахмети, некој од незадоволни кругови во ДУИ, или од незадоволни кругови во СДСМ, сака да му упати на лидерот на ДУИ Али Ахмети некаква порака? Во оваа 2024-та, година на парламентарни и претседателски избори, мнозина сè почесто ќе почнат да искажуваат стремежи кон најсилни можни позиции во изборните листи, а за обезбедување на тие позиции нема да се штедат средства и нема да се избираат методи.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Дали некој од ДУИ го ‘предаде’ Дрин Ахмети, или од СДСМ?“.
Во оваа анализа се наведува: По пронаоѓањето 750 пиротехнички средства во автомобилот на Дрин Ахмети, внук на претседателот на ДУИ Али Ахмети и сосопственик на трговскиот центар „Соравија“, засега не се знае каква ќе биде неговата одговорност. Секретаријатот за внатрешни работи во координација со јавен обвинител доставиле соодветен поднесок за натамошни дејства до скопското јавно обвинителство.
Дали во неговиот случај станува збор за искрена борба против продажбата на пиротехнички средства, или е во прашање за нешто повеќе? Во Македонија поминуваат без воопшто ништо да се преземе големи случаи на трговија со дрога, цигари, со мигранти, манипулации со милиони евра на разни тендери и тн.. Борбата против криминалот кај нас сè уште не е достигната до тоа рамниште да се казнуваат и да се прогонуваат пријателите и членовите на семејството на помалите политички личности, а камоли поради пиротехнички средства да се апси член на семејството на лидерот на партијата, втора според големина во владината коалиција, од која зависи опстанокот на парламентарното мнозинство.
Тоа создава сомнежи дека во случајов или се работи за испраќање некаква порака, или за „предавство“ кон Дрин Ахмети. Вакво „предавство“, ако се работи навистина за тоа, оти постои се уште мала доза на верба дека случајот нема политичка заднина, може да направи или некој од ДУИ, или некој од најголемиот владин партнер СДСМ. Дали некоја друга партија има капацитет за вакво нешто? Не е за верување!
Ако станува збор за порака, која некој се обидува на ваков начин да му ја упати на претседателот на ДУИ Али Ахмети, тогаш таква порака може да дојде од неззадоволни кругови во ДУИ, или од незадоволни кругови во СДСМ. Никој друг нема капацитет да упати таква порака преку полициската единица „Тигри“!
Која може да биде целта на „пораката“, или на „предавството“?
Во * Македонија годинава ќе има двојни избори: претседателски и парламентарни. Политичките партии, интересните групи, заинтересираните поединци сè почесто ќе почнат да искажуваат стремежи кон најсилни можни позиции во изборните листи, а за обезбедување на тие позиции нема да се штедат средства и нема да се избираат методи. Ништо нема да заврши на 8 мај, кога е одреден денот на парламентарните избори и вториот круг од претседателските избори. Многу случувања дури ќе започнат токму на овој ден!
Дрин Ахмети: Огнометот е купен на законски начин
Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, првпат проговори откако полицијата го фати со поголема количина пиротехнички средства. Тој изјави дека огнометот го купил легално. Дрин Ахмети смета дека не сторил никакво кривично дело и оти со ова ќе се соочи согласно со законот. Но, според Кривичниот законик, поседувањето и набавката на распрскувачки средства е кривично дело.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потврди дека во известувањето. што Министерството за внатрешни работи го доставило до Јавното обвинителство, се споменува член 396 од Кривичниот законик. „Ако предмет на кривичното дело е поголема количина распрскувачки, експлозивни материјали наменети за дозволени забавни, празнични и други активности, сторителот се казнува со парична казна, или со затвор до три години.“ – рече Спасовски.
Јавното обвинителство ќе го каже последниот збор дали Дрин Ахмети ќе одговара за кривично дело, или прекршок. Ако се утврди дека Ахмети не сторил кривично дело, тогаш полицијата ќе може да поднесе прекршочна пријава. Предвидена е глоба од 100 до 250 евра согласно со законот за нарушување на редот и јавниот мир со употреба на пиротехнички средства. Дрин Ахмети е уапсен ден пред Новата година во близина на старата скопска чаршија, откако „Тигрите“ во неговиот автомобил пронајдоа 750 пиротехнички средства.





