„Блокадата во Собранието ќе биде штетна, затоа што државата веќе е во повеќекратна криза и со нефункционално Собрание кризата само се продлабочува уште повеќе.“ – тврди информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Блокадата во Собранието ја подели албанската опозиција – Беса е за, Алијансата за Албанците е против“.
„Журнал“ пишува: „ВМРО ДПМНЕ одлучи да го блокира Собранието од 10 мај, барајќи предвремени парламентарни избори. Оваа одлука ја подели албанската опозиција: Движењето Беса е за таквата блокада, а Алијансата за Албанците е против. Одлуката на ВМРО ДПМНЕ за блокада на Собранието створи збунетост кај Албанците-гласачи, кои очекуваа можна коалиција меѓу Алијансата за Албанците и Движењето Беса за следните парламентарни избори, било да се предвремени, било да се редовни.“
„И да се оди на предвремени избори, граѓаните немаат надеж дека ќе се случат драстични промени, оти со години се сведоци дека од промените, што уследија по изборите, имаше само промена на личностите, но не и на тешката ситуација во земјата. Блокадата во Собранието ќе биде штетна, оти државата е во повеќекратна криза и со нефункционално Собрание таа само се продлабочува уште повеќе. Многу закони од значење за граѓаните нема да можат да се изгласаат. Пратениците нема да да бидат активни, иако се избрани да работат и да ги застапуваат интересите на граѓаните.“
„Собранието се блокира кога Владата е ‘закрпена’ со пратеници заведени од власта и кога се создава ‘тенко мнозинство’, само за да ја задржи власта, со други зборови, само нестабилните влади овозможуваат блокада на Собранието и втурнување на земјата во повеќекратна криза, во безизлез“
„Само на еден месец пред самитот на ЕУ, во момент кога земјата е потоната во повеќекратна криза, ВМРО ДПМНЕ најави блокирање на Парламентот. Ние сме останати многу назад и не се знае кога и како ќе одиме напред. Најавата за блокада на Собранието доаѓа во моментот кога на земјата и е потребно обединување на политичките партии од власта и опозицијата, за да се изрази решеноста на земјата да започне преговори со ЕУ, да побара меѓународен притисок врз Бугарија за укинување на ветото.“
„Најавата за блокада на Собранието доаѓа во време кога во Собранието за оваа година се очекува ребаланс на буџетот, кој предвидува зголемување на платите на наставниците за 12 отсто, предлагајќи бројни закони за справување со економската криза. Најавена е собраниска блокада и кога безбедноста во регионот станува алармантно прашање и за Македонија.Поради сево ова Собранието треба постојано да биде активно, а не блокирано. Меѓутоа, се докажува уште еднаш дека ‘курбан’ на партиските експерименти е народот.“ – смета агенцијата „Журнал“, која е блиска до влијателни кругови во Демократската унија за интеграција, партијата што веќе се спротивстави на блокадата на законодавниот дом.





