Журнал“: „Албанската дијаспора од Австрија ќе гласа масовно во Струга на локалните“

„Многубројни групи од албанската дијаспора во Австрија се веќе организирани со автобуски превоз да дојдат во Струга да гласаат на локалните избори на 17-ти октомври“ – јавува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата фото – вест под наслов „Дијаспората од Австрија се подготвува да учествува на изборите на 17-ти октомври“. Веста е проследена со фотографија, на која е напишана пораката на албански јазик „Виена доаѓа“.



„Журнал“ пишува: „Дијаспората е решена да учествува на изборите на 17-ти октомври. Многубројни групи на луѓе се организирани во главниот град на Виена, со цел да се вратат во родното место, за да ја поддржат Алијансата на Албанците. Според она што е најавено, се очекува автобусите да запрат во Струга.“

Инаку, во Македонија е востановена праксата за секои локални избори, но и другите избори, албанските печалбари да се организираат и масовно да доаѓаат да гласаат во своите родни места за одредени албански партии. Така, во својата информација под наслов „Изборен десант со авионски и етно – чартери“ Македонската редакција на германскиот државен информативен медиум Дојче Веле на  22.март 2013 година во врска со локалните избори одржани во оваа година имаше напишано: „Етничката мобилизација секогаш била дел од изборните игри и на партиите на Албанците во Македонија. Се активираат стравувањата дека се исцртува ‘албанска линија’ на потегот од Струга до Липково. Викендов во Македонија се очекуваат 17 авиони од Швајцарија. На денот на изборите од Цирих во Скопје ќе слетат два редовни авиона, а во Охрид шест чартери.“

Во својата информација под наслов „Струшката дијаспора ќе гласа во вториоткруг на локалните избори“ на 26.октомври 2017 година Македонската редакција на „Гласот на Америка“ имаше објавено: „Според добрите познавачи на околностите, гласовите од иселениците можат да бидат и одлучувачки за победникот. Околу 2 илјади стружани, кои живеат во Швајцарија, Италија, Австрија и други западноевропски држави, ќе дојдат во Струга, за да гласаат на вториот круг од локалните избори на 29-ти октомври. Се очекува да пристигнат со чартер летови, а многумина и организирано со автобуси и автомобили.“

Извор: „https://zhurnal.mk/fotolajm-diaspora-e-austrise-pergatitet-per-te-marre-pjese-ne-zgjedhjet-e-17-tetorit/