„Журнал“: Ако се прејде мерата со поскапувањата, можни се протести и Казахстан да се „случи“ и во Македонија

„Казахстан е многу далеку од Македонија, но последните случувања во оваа држава, во која експлодира големо општествено незадоволство, сепак ја прават многу блиску до нашата земја. Енергетската криза и поскапувањата ги зафатија цела Европа и светот, но за граѓаните на сиромашните држави на Западниот Балкан ударот е уште поголем.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа со наслов „Казахстан не е далеку!“.

„Журнал“ пишува: „Казахстан е потресен од масивните протести и западна во целосна парализа. Протестите започнаа поради укинувањето на цената на гасот од страна на Владата. Протестните собири во Казахстан излегоа надвор од контрола. Протести можат да избувнат и во Македонија, ако се прејде мерата со поскапувањата!“

„Поскапувањата се неодбежни, но потребна е голема внимателност и да не се преоѓа мерата, со цел да не се злоупотреби актуелната енергетска криза и да им се полнат џеповите на оние на кои вреќите им се исцепени од милионите, што ги имаат. Владата треба сериозно да и пријде на ситуацијата, бидејќи граѓаните се доведени до зидот, поради секојдневните поскапувања, така што и најмал непромислен потег може да ја скрши преполнетата чаша.“

„Треба да се развијат политики, кои се во полза на граѓаните, а не на поединци и на интересовни групи. Потребно е откажување од непотребните луксузирања, за да се покријат итно ‘дупките, кои ги создаде ненајавената криза. Државата не треба да спроведува економски протекционизам, туку да ги отвори очите и да го спречи и најостро да го казни секој можен обид за економски и финансиски манипулации од страна на оние кои се занимаваат со таквото ‘хоби’.“

„Економските кризи во Македонија и во целиот Балкан можат да се претворат и во политичка и безбедносна криза. Тогаш можеме да дојдеме во ситуација уште полоша отколку во Украина и Казахстан земени заедно.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.