„Журнал“: „Ако ‘падне’ Петков, спорот со РМ ќе остане отворен и ќе се зголеми евроскептицизмот, но и руското влијание“

„Ако биде урната владата на Петков во Бугарија, тогаш спорот со с.Македонија ќе се ‘запечати’, ќе остане отворен за долго време, бидејќи и бугарското вето ќе остане за долго време. Тоа ќе повлијае врз натамошното зголемување на евроскептицизмот на граѓаните во с.Македонија, но и врз ширењето на руското влијание во целиот регион.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Ако падне владата на Петков во Бугарија, какви ќе бидат последиците за с.Македонија?“

„Журнал“ пишува: „Политичката криза во Бугарија не останува само внатре во бугарските граници, туку таквата криза се проширува и има директни импликации во с.Македонија. Исто така, таа произведува последици и за Албанија, која во овој случај е жртва на непостоењето договор меѓу Бугарија и с.Македонија. Само шест месеци по преземањето на функцијата, бугарската коалициска влада предводена од Кирил Петков денеска се соочува со гласање за недоверба, предизвикувајќи потреси во политичката стабилност во земјата-членка на ЕУ, која е во исто време најпроблематичната држава во однос на проширувањето на ЕУ со земјите од Западнниот Балкан.“

„Владата на Петков беше надеж за с.Македонија, дека со нов политички лидер спорот еднаш засекогаш ќе се реши. Но, во овој поглед односите се отежнуваат уште повеќе. Гласањето за недовербата кон Владата на Петков се очекува за денес во 19 часот по локално време.“

„Ако падне владата во Бугарија, какви ќе бидат последиците за с.Македонија?“

„Во случај да падне владата на Петков во Бугарија, спорот со с.Македонија ќе се ‘запечати’, ќе остане отворен за долго време. Тоа директно ќе повлијае уште повеќе да се зголеми евроспектицизмот кај граѓаните, што се однесува до зачленувањето на земјата во ЕУ.Од друга страна, руското влијание во Западниот Балкан даде јасни сигнали, особено по изјавата на рускиот министер за надворешни работи Лавров, кој рече дека Русија ја поддржува идејата на Србија за ‘Отворениот Балкан’.“

„Последици ќе има не само за с.Македонија, туку и за сиот регион на Западниот Балкан. Бугарското вето ќе остане уште долго време. Тоа ќе го попречи добивањето на датумот за почетокот на преговорите и за с.Македонија и за Албанија. Последиците ќе го опфатат целиот регион, бидејќи Русија е насочена кон тоа да го распространи колку е можно повеќе своето влијание во овој регион.“