„Журнал“: „Академијата’ на науки во с.Македонија произведува меѓуетничка омраза, наместо наука, и излева огорченост кон Албанците“

„Фаталистички’ се критиките на академик Божин Павловски дека ‘албанските политичари Ахмети, Груби и Османи, но и претседателот на Албанија и премиерот на Косово, влијаеле врз резултатот од пописот’, како и критиките на академик Катица Ќулафкова оти ‘Македонците се во ‘завршна фаза на гаснење на македонската национална држава и на делегитимирање на македонската нација’. На Павловски треба да му запре статусот академик оти тој е повеќе од една година во Австралија, а Ќулафкова, ‘дежурната патерналистка’ на македонизмот, има проблем со своите идентитетски комплекси.“ – ова е реакција на академикот Абдулменаф Беџети, објавени во редакциската статија на информативната агенција на албански јазик „Журнал“ со наслов „Академијата на науките во с.Македонија наместо наука произведува меѓуетничка омраза“.



На повеќе места во својата статија „Журнал“ не ја користи идентификациската одредница „македонска“ и наместо „Македонска академија на науки и уметности“, употребува израз „Академија на науки во с.Македонија“. Во заклучокот на статијата и зборот Академија го става во наводници.

„Журнал“ пишува: „Објавувањето на резултатите од пописот на населението во с.Македонија предизвика многубројни расправи и незадоволство за објавените бројки, кои се неприфатливи за повеќето граѓани. Искажан е и сомнеж за манипулирање со бројки. Во меѓувреме, Македонците воопшто не се задоволни.“

„Во Академијата на науките со децении немаше академици Албанци“

„Академијата на науките и уметностите на с.Македонија во клучните моменти од историскиот развој на државата излезе во јавноста со антиалбански тези, кои во голема мера ја иритираа албанската заедница во с.Македонија во тоа време. Тука вреди да се спомене и предлогот на академик Ѓорѓи Ефремов за територијална поделба на Македонија во 2001 година, идеја која наиде на бројни реакции и кај домашното и кај меѓународното мислење.“

„Македонските академици во 2022 година отворено изразуваат незадоволство, оти Албанците резултираа од резултатите од пописот на населението многу повеќе одошто тие очекувале. Македонскиот академик Божин Павловски, кој живее и работи во Австралија, во изјава за македонски портал вели дека порано дијаспората никогаш не била вклучена во пописите на населението во Република Македонија. За Катица Ќулавкова, исто така член на Македонската академија на науките и уметностите, овој попис е уште еден показател дека Македонците се во ‘во завршна фаза на згаснување на македонската национална држава и на делегитимирање на македонскиот народ“.

„Зборувајќи од Австралија, Павловски ја критикуваше улогата на албанското раководство во спроведувањето на пописот: ‘Ова се спроведе со голема посветеност на Али Ахмети, кој најпрво обезбеди правна рамка. А, кога дојде време за акција на терен, во кампањата заедно со него учествуваа и претседателот на Албанија, премиерот на Косово, главно со телевизиски пораки. Сепак, клучни фигури во кампањата беа вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои лично посетија неколку земји со поголема албанска дијаспора. Таму секако не останале на своја сметка, туку на сметка на даночните обврзници. Според некои соработници на еден австралиско-македонски неделник, многу емисари со лаптопи во нивните чанти биле на терен.“

„Целата оваа активност им се покажа како голем успех. Али Ахмети не го крие задоволството. Околу 100.000 Македонци има во Австралија, според официјалните пописи. Но, нив ги нема во пописот направен од Република Македонија.’ – вели академик Божин Павловски за македонскиот портал МКД.“

„Ќулафкова на својот фејсбук-профил напиша дека ‘овој попис е фарса во режија на парадржавата с.Македонија’. ‘Ова е политичко, национално, правно и морално злосторство без преседан во европската историја. Овој попис е уште еден показател дека сме возавршна фаза на распаѓање на македонската национална држава и делегитимирање на македонската нација. Ова е хаотичен, трагикомичен и незаконски чин. На Македонците како народ им се прави неправда, но и на Турците, Србите, Бошњаците, Власите, на македонските Роми. Ако се следи ‘патот на парите’ (т.е. патот на моќта и превласта), лесно е да се утврдат мотивите и креаторите на оваа фарса. Тие што ги поседуваат резултатите од пописот од 2011 година нека ги објават и ќе се види преку споредбата како е направена режијата на овој варварски попис. Фактите од непознатиот и спречен попис пред 10 години ќе докажат зошто на нелегитимните политики им се дава легитимитет, зошто се најавува меѓународна поддршка за нешто што треба да биде предмет на критика и остра казна. Под изговор на европските вредности во Македонија се спроведуваат неевропски политики. Јас не го прифаќам овој лажен попис. Тој е уште еден доказ дека во Македонија се води единствена и безмилосна војна.’ – напиша академик Ќулавкова, која како и нејзиниот колега Павловски е позната по своите антиалбански ставови.“

„Од друга страна, Абдулменаф Беџети, кој е и член на Академијата на науките и уметностите на с.Македонија, ги оквалификува како ‘фаталистички’ критиките на Павловски и на Ќулафкова. ‘Не сакам отповеќе да ги коментирам нивните фаталистички изјави. Според Статутот на Академијата, на Павловски од Австралија треба да му престане статусот како академик, бидејќи повеќе од една година е во странство и добива награди и академски надоместоци од даночните обврзници во државата. Ќулафкова, ‘дежурната патерналистка’ на македонизмот, има проблем со своите идентитетски комплекси. Ги поканувам кога сакаат и каде сакаат на научно соочување – расправа, а ако сакаат и на политичко соочување!’ – рече академик Беџети.“

„Она што се разбира од овие реагирања е дека уште еднаш се докажа оти оваа научна институција наместо наука произведува меѓуетничка омраза, ги открива етноцентричните чувства на членовите на оваа ‘академија’ и многу отворено излева огорченост кон Албанците.“ – заклучува „Журнал“ во својата редакциска статија.