„Удира ли Ахмети уште еднаш врз ‘Огнената група’, давајќи и го МЕПСО на Алтернатива?“ – прашува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа со ист таков наслов.
„Журнал“ пишува: „Јавноста се изненадува: зошто ДУИ прифати да се откаже од МЕПСО, помоќно од многу министерства, и да го води човек од Алтернатива? Дали власта и ДУИ му се одмаздуваат на Куштрим Рамадани, актуелниот директор на МЕПСО, бидејќи тој прв откри дека Македонија крадеше струја четирипати од европскиот енергетски систем и оти поради ова може да има непредвидливи последици? Рамадани е единствениот, кој кажа отворено дека ЕСМ не произведува доволно струја и оти стравува за домашното производство, бидејќи нема доволно јаглен ниту вода за хидроцентралите. Тој кажа дека приватните снабдувачи и ЕСМ му должат на МЕПСО 18 милиони евра за струјата, преземена од регионалната мрежа.“
„Куштрим Рамадани само ја кажа вистината. Зарем не треба да биде поддржан од Владата функционер, кој ја кажува вистината? Така е во Европа, но кај нас е подобро да молчиш и да ги слушаш наредбите одозгора, а не да предупредуваш за проблемот, што може да се случи. Ова се покажува и во случајот со Рамадани, кој се споменува како човек близок до таканаречената ‘Огнена група’. Можеби е ова причината, поради која МЕПСО отиде како ‘жртва’ во договорот на коалицијата со Алтернатива. Дали Ахмети решил конечно да и се заблагодари на ‘Огнената група’ за ‘досегашните услуги’?“
Инаку, на 24.март 2021 година во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21 Фатмир Лимани, внукот на Али Ахмети, јавно проговори за внатрешно – партиските незадоволници од „Огнената група“, кои ги означи како „револтирани членови на ДУИ“, дека меѓу нив се и „Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети“. Ова го пренесе и информативниот портал на албански јазик „Ѓурме.инфо“ во својата статија со наслов „Лимани: Во ‘Огнената група’ се Меџити, Дураку, Џафери, Беџети“. Меџити, Џафери и Беџети се наоѓаат на фотографијата, која „Журнал“ ја објавува кон анализата, во која натаму пишува:
„Дали е ова показател дека, и покрај одличните резултати што ги постигна ‘Огнената група’ во општините, кои ги има како свои упоришта, Ахмети сепак одлучи да продолжи да го одржува Артан Груби како свој најблизок човек, со што им се боде во очи на ‘Огнената група’? Дали Ахмети и вели на ‘Огнената група’ дека и без нив ‘чадот од тутунот’ ќе оди во правилна насока и оти тој не се обеспокојува воопшто какви чекори ќе преземат во иднина?“
Инаку, во последно време лидерот на ДУИ Ахмети се фотографираше во победничка поза додека пуши запалена цигара, од која излегува чад, и тоа однесување го имитираа и други функционери и членови на ДУИ.
„Огнената група’ очекуваше награда од Ахмети, поради постигнатиот резултат на локалните избори, но сега и се одзема МЕПСО како најсилна институција, што можеби ја имаа под контрола. Ништо друго не и се дава на ‘Огнената група“ како надоместување, дури ниту Министерството за земјоделство, каде што се очекува да биде избран Јетон Шаќири, актуелниот министер за информатичко општество, кој е од Струга.“ – заклучува „Журнал“.
Инаку, потпретседателот на ДУИ Изет Меџити, именуван како дел на ‘Огнената група“, вчера изјави: „Претставниците на ДУИ од победничките зони на локалните избори ќе бараат соодветна застапеност во Владата. Во партијата ќе се разговара за ефикасноста на Владата, како и за квантитативниот и квалитативниот аспект, заради најдобра застапеност на ДУИ во Владата.“ Дали можеби Меџити најави барање на „Огнената група“ за подобро позиционирање во ДУИ и во самата Влада?





