Илјадници француски безбедносни сили излегоа на улиците во Париз во саботата, додека антивладините демонстранти „Жолтите елеци“ ја отфрлија забраната за масовни собири поради коронавирусот и протестираа на ден пред одржување на локалните избори, јави Ројтерс.
Во телевизиското обраќање до нацијата во четвртокот, претседателот Емануел Макрон најави затворање на училиштата и ги повика луѓето да избегнуваат близок контакт како превентива од ширење вирус од кој досега починаа 79, а заразени се повеќе од 3.600 во цела Франција.
Министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер рече во петокот дека сите собири со повеќе од 100 лица се забранети.
Париската полиција го одби барањето на демонстрантите оваа сабота да демонстрираат на чувствителни места, вклучително и на Елисејските полиња, каде пред речиси една година избувнаа насилни судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите
„ Некои луѓе мислат дека коронавирусот нема да ги загрози и одбиваат да ги почитуваат советите“, изјави полицаец пред тешко вооружено возило што го блокира патот што води кон претседателската палата.
Владата во саботата издаде официјална наредба со која се забрануваат митинзи, но стотици демонстранти, некои со заштитни маски, започнаа да се собираат пред железничката станица Монпарнас, извикувајќи пароли против Макрон.
Движењето „Жолти елеци“ се појави кон крајот на 2018 година, по зголемувањето на даноците на горивото и еруптираше во бунт против владата на Макрон.






