По “војната” што им ја објавија граѓаните, науката, црквата, академијата, универзитетот и опозицијата владините првенци се соочуваат со конфликт и со луѓето кои Илинденска ги избра да преговараат во рамки на Историската комисија со Бугарија.
Македонскиот дел од комисијата за историја и образование денеска покажа дека на бугарската страна досега од страна на македонските политичари не и било укажано дека за придавката македонски јазик нема да се преговара.
Зошто воопшто денеска се одржа состанок на комисијата кога политичарите од македонска страна кои ги подготвуваат средбите на своите партнери во Софија не им укажале дека без македонски јазик во документите нема воопшто смисла да се преговара.
Македонската страна по втор пат не ги потпишува записниците од средбата од истата причина а премиерот Заев, владата и министерот Османи не направиле ништо за да го надминат проблемот што отвара дилема дали за владата е прифатливо никаде во документите да не стои зборот Македонски.
Пред само неколку дена државниот секретар во МНР изјави дека со своите колеги од Бугарија разговараат за многу теми но не спомена дека придавката македонски е спорна.
Со оглед на тоа што бугарската комисија во која има претставници и на Владата и на претседателот Радев целосно ги следи политичките позиции на Софија јасно е дека некој во Скопје дал вербална, писмена или премолчена дозвола во документите да не се користи придавката македонски и тоа не им го кажал на македонските експерти.
За жал не верувавме кога бугарски извори уште пред 12 месеци објаснуваа дека според бугарското толкување на Преспанскиот договор придавката македонски не смее да се користи за означување на македонската национална културна, јазична или општа идентитетска посебност.
За бугарската страна кога ќе се каже македонски за националното и културно се мисли на елинска припадност а кога ќе се каже македонски за јазик тогаш означува бугарска лингвистичка припадност.
Со ваквата политика премиерот Заев и другите инволвирани во процесот како министерот за надворешни работи Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Димитров (не) свесно направиле пропуст и ги испратиле македонските експерти од комисијата да преговараат знаејќи дека и да направат напредок истиот не може да се верифицира поради придавката македонски.
Затоа изјавата на претседателот на комисијата од македонска страна Драги Ѓорѓиев дека сега прашањето мора да го решат политичарите може да се толкува како предупредување од научниците до Владата но и како “жежок шамар” до политиката која ги остави македонските членови на комисијата да бидат “топовско месо” на бугарските колеги.
Засега членовите на комисијата молчат за “местенката” од Владата но јасно е дека тие нема да дозволат да бидат претставени како виновници и алиби за дипломатскиот, политички и национален дебакл на Заев и врвот на владата.
Сега откако топката е вратена на Владата премиерот Заев ќе мора да каже дали за него е прифатливо македонски да означува нешто друго освен припадноста на Пулески и Чуповски, јазикот на Конески и Мисирков, идентитетот на Глигоров и Апостолски, револуционерната борба на Делчев и др.
Фото: ТВ Сител






