Професорката од Институтот за македонски јазик Елка Јачева Улчар го споделува својот говор од доделувањето на наградата „Гемиџии“ 2023 што и ја додели Општина Велес по повод 9 Ноември, денот кога нејзиниот роден град се ослободил од како што вели таа: бугарскиот фашистички окупатор.
Скромната професорка раскажува како ја доживеала веста за наградата и за нејзините емоции поврзани со градот каде е родена.
,,Кога пред неколку дена во ист ден ми стасаа вестите за наградите од градот во кој живеам и од градот во кој сум родена, и кога срцето од пресилна возбуда, изненада и неочекуваност почна да тупоти со над 100 отчукувања во минута – си реков – само да преживеам, само да не препукне!
Оние што добро ме познаваат знаат дека сум жизнерадосен човек, и покрај тоа што сум многу тепано животно, главно, од заедницата, од општеството, од луѓе-нелуѓе во затворени кулоари политички и професионални, во јавниот простор, во белите и црни книги на јужниот и источниот сосед, на кои, простете, им го заборавив името… Затоа на вакви убавини често, и покрај тоа што сакам, не умеам да реагирам соодветно.
На човечка добрина, топол збор, неочекувано подадена рака – се стаписувам, додека во главата со брзина на светлина ми севаат мисли, главно, подведени под еден заеднички именител кој гласи – со што ли ја заслужив оваа среќа? Па си мислам, можеби, дојде часот да се оствари онаа латинската Nomen est omen (Името е знак) при словенското етимологизирање на моето име „Елка“, чија прва асоција кај нашиот народ се врзува за новогодишното накитено дрво, па ете јас во еден ден се накитив со две награди, од кои оваа што ја добивам денес го носи славното име Гемиџии. Не сум филозоф ама логички расудувам: секој човек уште со раѓањето добива име, извесен број денови кои треба да се преживеат, како оној ден опишан погоре, и животна мисија. Со надеж дека ќе бидам правилно разбрана, непретенциозно ќе речам – мојата мисија, без да сум свесна за тоа – се совпаднала со онаа на гемиџиите.
Се разбира постојат меѓу мене и нив огромни разлики: тие на дваесет и некоја година возраст, јас со триесет и кусур повеќе од нив, тие во време турско без своја држава, јас во 21 век во независна Македонија, тие со динамит и себеразнесување ја повикувале Европа – јас со збор и себеразјадување ѝ велам НЕ на таквата неправедна Европа што ги крши сопствените темели врз кои самата почива – еднакви човекови слободи и права, вклучително и она за нас Македонците, најважно во овој момент – правото на сопствена себеидентификација.
Она, пак, што ни е заедничко со гемиџиите покрај освестениот патриотизам во кој безусловно се арчиме за Македонија, е анархизмот сфатен во онаа позитивна Прудонова смисла а имено како „форма на власт или устав во кои јавните и приватните свесности, формирани преку развојот на науката и законот, се доволни за одржување на редот и гарантирање на сите слободи.“ И конечно, се разбира, моето велешко потекло како и на повеќето гемиџии. Кога сме веќе тука, на оваа заедничка точка со гемиџиите морам да истакнам дека да си велешанец тоа не значи само да си роден во овој прекрасен, градски град во Македонија…
Тоа е и привилегија но и обврска да се гордееш и да го почитуваш делото на велешаните од почнувајќи од Џинот, Жинзифов и Главинов, преку Рацин, Неделковски, Гајдов, Шоптрајанов, Најдовски, Јанчевска, Климкар-Меанџиева, Ќулафкова… до актерите Прличко, Николовски, Витанов, Крстевски, Зафирчев… или докторите Ѓоргов, Јовев, Граматов, Стровјанов, Анѓушева…
Да си велешанец значи да си задоен од најмали нозе со поезија, со патриотизам, со бунтовност, но и со смисла за правда и правичност, со човекољубие и солидарност, со чувство на рамноправност независно од родот, од верата, од етникумот или материјално-социјалното милје во кое си поникнал.
Во Велес, во кој до мојата 13-та година живеев со три години помалиот брат од мене, Влатко, со мајка ми Вера и со татко ми Ичо, на кого му ја посветувам оваа награда, ги доживеав сите оние прекрасни, лефтерни, необременувачки моменти што ги има секое среќно дете со безгрижно детство. Ова е градот во кој како 6-годишно дете за првпат застанав на бина во тогашното кино 11 Октомври за да ја изрецитирам песничката што и ден-денес ја памтам… Велес е градот во кој прв и последен пат бев удрена од татко ми кога со Лидија Трајкова како забавачиња решивме да одиме во поход „преку линија“…
Велес е градот во кој враќањето со другарките од Музичкото училиште „Киро Димов“ беше една долга прошетка што завршуваше со расклештена гозба во слаткарницта кај Амедин до Македонија спорт под Уредот… Градот во кој се продаваат спории според кои ние, велешаните, се препознававме во Скопје, каде што никој што не е оттука никогаш нема ни чуено ни пробано… единствен град во Македонија со џавте-корзо (откај семкарницата на Муто до новиот Супермаркет) по кое се ѕиркавме со првите љубови и симпатии…
Велес е градот кој мене ми е преполн со толку убави и инспиративни мемориски точки кои само го чекаат моментот да летнат од главава на бела хартија… во која ќе запишам дека во Велес, една убава жена со гордо име Македонка беше моја наставничка по македонски јазик. Тоа жената што ми ја предодреди мојата благородна професија за што ќе ѝ бидам бескрајно благодарна до крајот на животот.
Велес е градот во кој живеат, но и почиваат, моите најблиски роднини; и конечно Велес е единствениот град во светот во кој ја имам спечалено најмилата титула со двојна форма: тета – на моите внуци од братучедите и тетка на децата од моите другарки Иренчето и Данчето со кои повеќе од пола век ги делам сите радости и плачки, смеа и таги…
На крајот дозволете ми, да ја изразам мојата длабока благодарност до сите членови на Советот на Општина Велес, до сите вработени во Општината, а најмногу до градоначалникот, Марко Колев, што ми ја укажаа оваа чест, доделувајќи ми го ова највисоко и најпрестижно признание на Општината што ме обврзува на нови дела и на уште многу напорна работа на полето на македонскиот јазик и македонистиката, воопшто. Во оваа смисла меѓу приоритетите, а како нешто што се однесува на гр. Велес, ќе ми биде публикувањето на веќе готовиот, мошне солидно изработениот магистерски труд „Ојконимијата (т.е. имињата на населените места) на Велешко“ од велешанката Милена Николовска, чиј ментор бев јас, а неофицијален коментор уште една велешанка, мојата драга пријателка и многу почитувана колешка, Убавка Гајдова, која, за жал, прерано се насели во вечната светлина.
Ви благодарам и вам почитувани присутни, роднини и пријатели, за поддршката и за тоа што дојдовте овде вечерва за да имам со кого да ја споделам оваа бескрајна среќа што ме обзела, но и да имам пред кого гласно, јасно и радосно да викнам:
И ЈАС СУМ ГЕМИЏИКА!!!”, порачува Јачева Улчар во пораката по повод добиената награда на град Велес.






