На пазарот на труд, секогаш ги избираме најдобрите кандидати, а одговорноста е голема кога се регрутира, вели генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“ Живко Мукаетов, во интервју за порталот „Инстор.мк“. Но, додава Мукаетов, станува се поголем предизвик за се дојде до квалитетен и добро обучен кадар.
„За да направиме одржлива промена во нашиот делокруг, воведовме разни програми за (до)едукација, дуално образование и практикантство кои веќе четврта година успешно се спроведуваат во соработка со државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, а основавме и сопствен едукативен центар“,вели Мукаетов.
Но освен преку овие активности, првиот човек на „Алкалоид“ додава и дека кадри се продуцираат и со помош на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, која доделува стипендии за студенти.
„Фондација „Трајче Мукаетов“, од основањето во мај 2007 до денес има стипендирано 619 студенти по фармација и медицина на државниот универзитет. По основ на стипендии и еднократни парични награди досега имаме инвестирано околу 2 милиона евра. Постојано инвестираме во стручна доедукација на нашите кадри, првенствено од сферата на фармацијата и фармацевтската технологија, каде што едeн од нашите главни референтни партнери е Фармацевтскиот факултет во Белград“,вели Мукаетов.
Самиот Живко Мукаетов, има дипломирано на Машинскиот факултет во Скопје, во 1997. Потоа поминува уште две години во Лондон на постдипломски студии по маркетинг-менаџмент. „Тогаш, студирањето надвор не беше актуелен тренд како сега и тогашниот едукативен систем навистина произведуваше квалитетни кадри“, вели Мукаетов во интервјуто и додава – „За жал, истото не би можел да го кажам од денешна перспектива зашто кај студентите на државните универзитети сѐ повеќе е евидентна недоволната обученост и мотивираност.
Целото интервју на Живко Мукаетов може да го прочитате на следниов ЛИНК.






