Жежок ,,шамар” за Ковачевски и Ахмети од евроамбасадорот Гир за нападот врз Алфа и Телма

За евроамбасадорот Дејвид Гир слободата на медиумите и изразувањето е темелна вредност на ЕУ и камен темелник на демократијата. Гир, кој заедно со амбасадори од други земји членки на ЕУ е во посета на Охрид, не сака да ги коментира изјавите на премиерот Димитар Ковачевски и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дадени за телевизиите Алфа и Телма, но доволно јасно меѓу редови порача дека нападот на премиер и лидер на партија врз медиуми е недозволив.



„Нема да ги коментирам различните изјави на политичари и лидери, но дозволете ми да кажам дека слободата на медиумите и изразувањето е темелна вредност на ЕУ и нешто што одблиску го следиме. Слободата на медиумите е камен темелник на демократијата затоа што води сметка и обезбедува дека граѓаните се добро информирани и можат да носат добро информирани одлуки. Тоа значи дека од една страна медиумите се задолжени да направат таков тип на веродостојни и точни информации и треба да се стремат кон највисоките професионални стандарди, и од друга страна е важно слободата на медиумите да биде зачувана и да биде заштитена од влијанија и вмешувања и од каква било други дејствија кои може да ги натераат новинарите на автоцензура или да се плашат од нешто“, рече Гир.

Зборувајќи за најважните прашања за ЕУ во однос на реформите и скринингот, евроамбасадорот потенцираше дека „и слободата на медиумите е едно од оние прашања кое навлегува во сржта на тоа што се нарекува фундаментални прашања” и е од големо значење за Брисел.