Жестока дебата во парламентот за автопатските коридори, Стојаноски му рече на Груби: Ти прв ќе заминеш в затвор

Зошто договорот со „Бехтел и Енка“ се крие од очите на јавноста, дали Македонија ќе плати пенали од 53 милиони евра, и дали некој ќе понесе одговорност за коридорите 8 и 10д, праша опозицијата, и побара одговори од власта на пратеничките прашања во парламентот. Пратеникот Бојан Стојановски освен до премиерот, му се обрати и на вицепремиерот Артан Груби кој е и координатор за овој договор и му рече дека за овој документ прв ќе оди во затвор.



Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува и дека добар дел од колачот ќе го лапнат фирмите од странство, а во меѓувреме ќе се експлоатираат сите работници со 60 работни часа неделно.

На ова, премиерот кажа дека изградбата на коридорите 8 и 10д е стратешки национален интерес за државата со кој ќе се поврзат градовите со околните држави, проект од голема важност за Македонија.

И додека власта и опизицијата се караат кој добива, а кој губи со овој прокет, собранискиот спикер Талат Џафери рече дека го немал видено договорот со „Бехтел и Енка“ и дека немало потреба да го знае. Рече дека пратениците со сертификат ќе го виделе другиот месец.

  • На 2 мај имаме координација. Вчера ги известив координаторите да размислат за време. Може и деновиве да биде. Не знам колку пратеници имаат безбедносен сертификат, рече претседателот на Собранието, потенцирајќи дека нема да им биде доставен Договорот, туку само презентиран, бидејќи станува збор за класифициран документ.  

И додека опизиција критикува, министрите за финансии и труд и социјала, Бесими и Тренчевска, уверуваат дека во договорот нема ништо поразлично од зделките кои ги имаат склучено Бехтел и Енка со другите држави од регионот за изградба на автопатите во Македонија.