По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, денеска напладне во Скопје ќе се одржи четвртиот марш за правата на жените.
Настанот е во организација на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права, а оваа година поттикнати од случајот „Јавна Соба”, ќе маршираат гласно и недвосмислено за жртвите на родово базирано насилство.
Маршот, под слоганот „Ти не си виновна!” ќе почне од плоштадот „Филип Втори”, преку Камениот Мост, плоштад „Македонија” до паркот „Жена Борец”, и ќе заврши со перформанс за поддршка на жртвите.
„Оваа година маршираме под слоганот „Ти не си виновна!”, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за општествените појави и системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење како слободни, еднакви, достоинствени и безбедни“, се наведува во соопштението на Платформата за родова еднаквост.






