Евроамбасадорот Самуел Жбогар смета дека рано е да се говори за преговори на земјава со ЕУ, а она што е битно е дека ЕУ, како што вели, останува тука.
„Како што кажав претходно, треба да ја оставам високата политика на претставниците на земјите и на дискусиите во Брисел.
Ние како делегација и јас како амбасадор на Европската унија би требало да се фокусираме, што јас, што ние може да сториме како делегација тука во државата. Луѓето треба да почнат да чувствуваат европски во нивната околина, без ралика дали ќе отвориме или нема да отвориме преговори“, изјави Жбогар.
Тој истакна дека Европа е тука и ќе остане тука, со зголемени фондови, особено за општините, во кои, како што рече, луѓето треба да се чувствуваат и да живеат европски, без разлика дали се или не се отворени преговори.
„Како ЕУ делегација немаме голема улога во процесот на носење одлуки на високата политика во Брисел, но имаме улога тука во земјава да им покажеме на граѓаните дека сме тука, за политичка поддршка, со фондови.
ЕУ е најголемиот донатор во земјава и обезбедува речиси 100 милиони евра годишно во фондови за земјава, и уште повеќе фондови ќе пристигнат во иднина“, додаде Жбогар.





