Уставен суд денеска одлучи да не поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста на Деталниот урбанистички план на Општина Аеродром и локацијата на паркот кај „Мајчин дом“, каде што почна изградбата на зграда од девет ката плус потпокрив.
Се чини дека веќе нема начин за запирање на градбата, која беше привремено сопрена откако инспекциските служби откриле нерегуларности.
Претставката до Уставниот суд била поднесена минатата година.
Граѓаните од овој дел од општината протестираа и бараа градоначалникот на Аеродром, Златко Марин, да го спречи проектот, што беше и едно од неговите предизборни ветувања во рамките на зачувувањето на зеленилото во општината.
Марин успеа само накратко, со мораториум од 15 дена, да ја запре градбата, но вети дека ќе преговара со сопственикот на парцелата и инвеститор околу можната компензација доколку се откаже од објектот во кој треба да има 240 станови.
Беа спомнувани износи од 5,5 милиони, па дури и 11 милиони евра, кои општината би требало да ги исплати како обесштетување доколку зградата не се гради.
Сопственикот на компанијата ЗСФ-КОМ вели дека општината не им понудила соодветна парцела која би ја компензирала истата вредност и најави дека ќе продолжи со проектот, но дека ќе засади 150 дрвца за да се сочува зеленилото.
Инвеститорот Фатмир Етеми тврди дека ги има сите потребни документи и ништо не може да го спречи да ја заврши зградата.
Ако нема зграда кај Мајчин дом, општината ќе плати 11 милиони евра отштета !?





