Земјоделците бараат субвенции по теркот на Европската унија, од чиј буџет годишно се издвојуваат по 67 проценти за земјоделието, велат од Од Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори.
Тие сметаат дека државата многу повеќе треба да инвестира во поддршка, особено на големите преработувачки капацитети.
„Само тие можат да го покренат развојот, бидејќи секое примарно производство на пченица под 50 хектари носи загуби. Не се залагаме да не им се дава помош на малите фармери, но субвенцијата од 10 илјади евра за младите земјоделци не е доволна. Да не го правиме земјоделството социјална категорија, тогаш би било работа на Министерството за труд“, вели Огнен Оровчанец, еден од најголемите земјоделски производители во земјата.
„Ова е еден апел да се стопира онај негативен тренд во македонското земјоделие и да се тргне напред. Да се намали намалувањето на површните и производството на житните култури“, смета Оровчанец.
Зголемената цена на нафтата им создава огромни проблеми на земјоделците, а од евтината зелена нафта, која владата им ја вети на почетокот од годинава, се уште ни трага, ни глас.
„Секое зголемување на нафтата влијае, нафтата е една од клучните инпути, таа е зголемена од 30 до 46, 47 отсто, и тоа влијае врз примарното производство“, вели Оровчанец.
Македонија не може да има продуктивно земјоделство без сигурен и стабилен пазар. Трендот во земјоделството воопшто не е поволен, а причините се исти со децении: расцепкани површини, не се применува современа технологија, лоши и непредвидливи климатски услови, но и се поизразената миграција на младите од селата по градовите и надвор од државата, истакнаа од Агробизнис комората.





