Земјоделци апелираат: Не увезувајте, откупете ја нашата пченица

Производители од Пелагониско кои имаат недооткупени количества пченица во амбарите апелифраат државата да го откупи вишокот пченица за стоковите резерви и да нема увоз од странство.



Апелот и барањето тие ги упатија од пред прилепските силоси каде се користи простор за стоковите резерви.

–„Упатуваме апел до мелничарите во Македонија и до надлежните иституции во државата, да се откупи пченицата од овие луѓе кои сѐ уште ја чуваат, а не да се увезува од Србија како што имаме непотврдени информации.

Ова е вистинското време и што поскоро да се реагира зашто во тек се прихраните на новиот род, а и доцни втората прихрана, а на луѓето им се потребни средства. Производителите сега не бараат многу.

Барат цена, барем да се покријат производните трошоци и трошоците за складирање. Тоа е околу 22 денари за килограм“, изјави Стеванчо Јорданоски, производител од прилепското село Мажучиште кој чува преку 200 тони пченица.

Од Владата информираат дека количествата пченица во државава се на задоволително ниво и во моментов нема активен оглас за набавки.

Годинава се одвоени четирипати повеќе средства од буџетот за стоковите резерви и се апелира предност да се даде на домашните производители, пренесува „Независен“.

Но, Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија вели дека за проблемот со недооткупената пченица ќе се бара средба во Министерството за земјоделство, зашто според нивни податоци во земјава има околу 5.000 тони недооткупена пченица.