Зеленски: За Божиќ бараме од вишата сила да се остварат нашите соништа

Претседателот на Украина Володимир Зеленски зборуваше по повод Божиќ, наведувајќи дека тоа е „празник на хармонијата и семејното единство”.



„Сите ние сме едно големо семејство на Украина. Без разлика каде сме – дома, на работа, во ровови, на пат, во Украина или во странство, сите сме заедно каде и да сме. Нашите предци веруваа дека рајот се отвора на божиќната ноќ. Во ова време бараме од вишата сила да се остварат нашите соништа“, рече Зеленски.

Православните верници во Украина отсекогаш го празнувале Божиќ на 7 јануари според јулијанскиот календар, но оваа година Православната црква на Украина за прв пат дозволи празникот да се слави на 25 декември.

Во 2018 година, Православната црква на Украина се отцепи од Украинската православна црква, која се смета за тесно поврзана со Москва и сега се соочува со повици за забрана, бидејќи се смета дека им помага на непријателите на земјата.

Надбискупот на Украинската православна црква Евстратиј Зорија изјави за Политико дека на луѓето им останува избор кога сакаат да го прослават Божиќ, потсетувајќи дека основата за промена на датумот постои од 2017 година, кога 25 декември стана празник во Украина.

Бројни верници лобираа да се оддалечи од јулијанскиот календар, според кој се „води“ Руската православна црква.

Неколку стотици верници денеска присуствуваа на божиќната литургија во украинскиот манастир Киевско-печерската лавра, кој претходно беше под управа на Руската православна црква.

Митрополитот Епифаниј, поглавар на Православната црква на Украина, создаден во 2018-2019 година, по расколот со Руската православна црква, за прв пат ја предводеше божиќната литургија во храмот на тој манастир од 11 век, најголемиот во Украина.

Верниците, меѓу кои и многу мажи во воени униформи, се собраа под силно полициско присуство.

На влезот верниците мораа да покажат документи и да поминат покрај детектор за метал.