Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави видео на Твитер пред неговата канцеларија во Киев, во кое вели дека армијата „нема да го остави оружјето“.



„Добро утро до сите Украинци! Во последно време на Интернет имаше многу лажни информации дека ја повикувам нашата армија да го остави оружјето и да се евакуира. Слушајте, јас сум тука. Нема да го положиме оружјето.

Ќе ја браниме нашата држава. Затоа што нашето оружје е нашата вистина. А вистината е дека ова е наша земја, наша држава, наши деца. И ние ќе го браниме сето тоа. Тоа е сè што сакав да ви кажам. Слава на Украина“, рече тој.

Според американски медиуми, владата на САД е подготвена да му помогне на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го напушти Киев за да избегне да биде заробен или убиен од напредувањето на руските сили, но тој одбил такво нешто.

Украинската престолнина се трансформира во борбена зона а претседателот Володимир Зеленски ги повика граѓаните да не веруваат на лажни извештаи за неговата смрт.