Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја почна својата посета на Вашингтон, негово прво патување надвор од земјата по инвазијата од Русија пред 300 дена, со врачување медал на својот американски колега Џо Бајден од еден украински воен офицер.
„Одушевен сум што успеа да допатуваш“, му рече Бајден (80) на 44-годишниот Зеленски додека лидерите ја почнаа својата билатерална средба во Овалната соба.
Зеленски, од своја страна, ја пренесе „сета благодарност од моето срце и од срцето на сите Украинци“ до Бајден, до Конгресот и до „обичните луѓе“ во САД за нивната поддршка на неговата земја.
Украинскиот претседател потоа го зеде Крстот за воени заслуги и објасни дека тој првично му бил доделен на капетанот на батеријата на ракетни лансери ХИМАРС што се бори во источниот град Бахмут.
„Тој е многу храбар и рече: ‘Дајте му го на многу храбриот претседател’“.
Бајден ја прифати честа, велејќи дека е „незаслужена, но многу ја цени“.
Зеленски додаде дека капетанот му рекол „овој систем [ХИМАРС] спасил многу негови браќа. Затоа, ви благодарам многу”.
Бајден рече дека ќе ја возврати честа со испраќање на капетанот „командна паричка“, очигледна референца на монетите „предизвик“ на американската војска.






