Зеленски бара 55 милијарди долари за Украина

На Украина и требаат вкупно 55 милијарди долари за да го покрие буџетскиот дефицит за следната година и да ја обнови својата инфраструктура, рече во средата претседателот Володимир Зеленски, говорејќи преку видео врска на тркалезната маса со Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).



Зеленски рече дека требаат 38 милијарди долари за да се покрие проектираниот буџетски дефицит за следната година и уште 17 милијарди долари за обнова на критичната инфраструктура, вклучувајќи училишта, болници и енергетски објекти.

„Колку повеќе помош добива Украина сега, толку побрзо ќе ја завршиме руската војна и толку побрзо и посигурно ќе обезбедиме таква брутална војна да не се прошири во другите земји“, рече тој.

Директорката на ММФ Кристалина Георгиева високо ја ценеше економската поддршка што Западот и ја дава на Украина.

„Во партнерство со украинските власти, постигнавме извонреден резултат во 2022 година: 35 милијарди долари грантови и заеми беа обезбедени од меѓународните партнери на Украина“, рече Георгиева.

Велејќи дека потребите за финансирање на Украина „ќе останат многу големи“ во наредната година, таа рече:

„Нашето сегашно разбирање е дека потребите за финансирање (на Украина) ќе бидат околу 3-4 милијарди долари месечно во 2023 година. Ова ја одразува реалноста дека фискалниот дефицит ќе остане многу голем со оглед на влијанието на војната“.