Украинскиот претседател Владимир Зеленски преку платформата „Зум“ им се обрати на учесниците на протестите во низа европски градови против руската воена интервенција во Украина, порачувајќи им „ако паднеме ние, ќе паднете и вие“.
„Сакам да им посакам сè најдобро на народите на Европа. Нашите војници, нашите херои овие денови ја бранат нашата Украина, нашата и ваша Европа. Сакам да ве повикам да не молчите. Сакам да излезете на улиците на своите градови и да ја поддржите Украина, да ги поддржите нашите напори и нашата борба, бидејќи ако падне Украина, ќе падне и Европа. Ако паднеме ние, ќе паднете и вие и затоа ве молам – не молчете и не вртете ја главата. Излезете и поддржете ја Украина колку што можете. А ако победиме, а сигурен сум во тоа, тоа ќе биде победа за целиот демократски свет. Тоа ќе биде победа за нашата слобода. Тоа ќе биде победа на светлоста над темнината, на слободата над ропството. Ако победиме, ќе процветаме и ние, и Европа, а Европа ќе процвета повеќе од секогаш по таа величествена победа. Слава на Украина!“, рече Зеленски во своето обраќање до демонстрантите во Братислава, Франкфурт, Прага, Лион, Тбилиси, Виена и Вилнус.





