Зеколи: Воениот профитер Ахмети обвинува за нацизам кога му ги напаѓаат ДУИ и бизнисите, но Бујар да каже колку тешко ја добил визата за САД!

„Не обвинува за нацизам поради однесувањето и дискриминирањето кон децата-Албанчиња во Велес, каде што е во коалиција со Мицковски, Апасиев, туку обвинува за нацизам кога му ги напаѓаат партијата и бизнисите! Воен профитер.“ – со овој остар напад преку фејсбук се огласи Арсим Зеколи, поранешниот амбасадор и сегашен политички аналитичар, кон лидерот на ДУИ Али Ахмети, откако овој во интервју за ТВ21 изнесе став дека „водат ‘нацистичка’ војна против него и ДУИ оние на кои им пречи моќта на Албанците во власта.“



Инаку, Ахмети во тој контекст, како што информира ТВ 21, „ја коментираше кампањата на некои македонски олигарси и политичари против ДУИ и албанскиот бизнис во * Македонија, на кои им пречи моќта на Албанците во власта“.

„Нагласувајќи дека бара само рамноправност“, Ахмети кажа: „Тоа е повеќе од дива кампања против ДУИ. Тоа е повеќе од дива кампања против мене лично, бидејќи пристапот е многу нихилистички, дури и нацистички, оти ДУИ во голема мера го презеде албанското прашање, а сега ја преземала и државата, економијата.“

Преку својот фејсбук-профил Арсим Зеколи реагираше остро и во врска со соопштението од американското Министерство за надворешни работи – Стејт Департментот, дека „во 2022 година биле одбиени дури 26,29 отсто од апликациите на македонски државјани кои побарале виза за САД“.

Зеколи пишува: „Министерот за надворешни работи Бујар Османи ветува ‘работна група’, која ќе го решава скандалот со големиот број одбивања визи за влез во САД. Вели дека се ‘виновни граѓаните, не знаат да ги пополнат формулите, ќе ги едуцираат“.

„Не, батко. Вината се состои во големиот број фалсификувани пасоши. И користени од трговци, мафијаши, гангстери.“

„Кажи ни, Бујар, колку тешко Али Ахмети ја добил визата за влез во САД? И колку часа се потребни, за да се добие дозвола за влез во авионот? А кој друг од вашата партија е одбиен за виза?“