Зеколи: Депримирани со причина

„Просечниот млад човек во оваа земја живее во оправдана убеденост дека што и да превземе, колку и да учи, се труди и работи, светлата иднина на успехот е однапред таксирана и резервирана за неговите натпросечно политички и по моќ поврзани врсници. Мотивот за фаталистичката перцепција не е поврзана со денешницата, колку со сознанието (реално или не) дека скраја нивниот напор, сепак на крај тие не можат да го достигнат врвот. Кој е однапред резервиран за синовите/ќерките и внуците/внуките на кастите кои се однапред пообразовани, поупатени, изверзирани, истренирани без оглед колку се всушност образовани или способни. За нас постарите, концептот на иднина е определен од надежта дека младите ќе донесат промена од која и ние ќе имаме ќар. Но, во очите на младите, секој поглед нагоре согледува само еден аспект- стаклениот ѕид кој виси над нивни глави и низ кои ги гледаат петите на децата на моќните. 



Ние, повозрасните, им замеруваме на помладите за депримирачката состојба на духот. Притоа изумувајќи дека една од причините за младешката депресија извира од нашата лицемерност и страв да на врсниците по возраст им укажеме дека нема да дозволиме да сопствените „просечни млади” ги жртвуваме за да нивните „наши деца” бидат успешни според истите критериуми кои не имаат понижувано. Фатализмот на младите е исход на кукавичлукот на генерации и генерации родители кои со својот молк и соучесништво ја градеа пирамидата на хиерархија на арамилакот. Секогаш во име на наводна жртва „за на децата да им биде подобро”. Но дали тој молк беше навистина жртва за добро на децата или компромисно приклонување кон нормата на „не таласај” за сопствен мир и спокој?

Од колумната на екс-амбасадорот и аналитичар Арсим Зеколи за „Дојче веле“