Зеќири останува во притвор

Апелација денеска го потврди првостепеното решение за притвор на поранешниот владин генерален секретар Мухамед Зеќири. Тој останува во притвор во истражниот затвор „Скопје“,потврдуваат од Апелациониот суд за „Фокус“.



Тој е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување и, според обвинителството, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.

Од судот појаснуваат дека гаранцијата која ја понудил Зеќири воопшто не била разгледувана, бидејќи покрај опасноста за бегство, притворот му е одреден и поради опасност да ја попречи истрагата.-

Зеќири пак пред неколку дена на јавната седница истакна дека нема да бега, и дека ако сакал да го стори тоа на располагање имал повеќе од една година.

Тој негирше вина во предметот каде се гони дека склучил договор за консултантски услуги со фирма без спроведена јавна набавка, со што според обвинителката го оштетил буџетот.

Освен Зеќири, осомничени во случајот се двајца хрватски државјани кои се недостапни за органите на прогонот и за нив е распишана локална и меѓународна потерница.