Поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири, заедно со својот адвокатски тим до Основниот кривичен суд Скопје, доставил предлог за сведоци на одбраната во текот на процесот каде што тој е обвинет да бидат повикани актуелниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и поранешниот директор на „Пошта“, Јани Макрадули.
Предлог за тие да се додадат на листата сведоци, покрај претходно предложените, до судот бил поднесен вчера пред денешниот старт на судскиот процес каде што Зеќири е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување во однос на склучување, без јавна набавка, на два договори за консултантски услуги – едниот за определување модел за реконструирање на АД „Пошта“ и вториот договор за консултантски услуги за поддршка на процесот за потенцијална приватизација на „Железници“.
За актуелните функционери, посочија адвокатите на Зеќири, се бара да сведочат бидејќи тие се членови на економскиот тим на Владата и се запознаени со она што е работено. Со тоа сакаат да ги побијат тврдењата дека договорите се потпишувани во четири очи.
Денешното судско рочиште е прво во овој судски процес и на него и обвинителката и одбраната ги дадоа воведните зборови, а Зеќири се изјасни дека не се чувствува виновен. Исто така, денеска Коларевиќ изведе и најголем дел од материјалите докази што ги предлага обвинителството, па на наредното рочиште, меѓу другото, треба да се испита вештак кој го изготвил вештачењето за потребите на обвинителството. По изведувањето на доказите и сослушувањето на сведоците од обвинителството, ќе се продолжи со докази и сведоци на одбраната. Следното судско рочиште треба да се одржи на крајот на јануари.






