Досегашниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, кој си даде оставка по покренатото обвинение за злоупотреба на службената положба, по шест часа поминати во Судот беше спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари на издржување притвор од 30 дена.
Судија на претходна постапка доцна синоќа го прифати предлогот од Обвинителството да определи мерка притвор за Зекири поради постоење опасност од бегство, за уништување докази, за влијание врз сведоци и за повторување на делото, по што тој со полициско возило беше спроведен од судот до затворот.
Распитот траеше еден час, по кој се чекаше три часа, за да се одлучува два часа за притвор за Зекири и за двајца хрватски државјани вмешани во оштетувањето на државниот буџет за околу 950 илјади евра, но Хрватите во моментов не се достапни за органите на прогонот.
Според Обвинителството, обвинетите склучиле договор за консултантски услуги „во четири очи“, односно без соодветна постапка за јавна набавка.
Наследникот на Драги Рашковски, кој исто така одговара за проневера на буџетски средства, функцијата генерален секретар на Владата ја извршуваше од ноември 2020 година.






