Зејнели: „Корупција, оружје и дрога во албанскиот свет“

Наместо борба за националната кауза сега во периодот на политичкиот плурализам меѓу Албанците од албанскиот свет – Албанија, Косово, Македонија, Прешево, Бујановац и Медвеѓа, како и во Црна Гора, значи каде и да има Албанци – започна борба за власт. Албанците сега се поделени во таа борба.“ – истакнува аналитичарот Џелал Зејнели во својата колумна „Албанскиот свет – критички поглед“, која ја објавува весникот на албански јазик „Лајм“.



„Поради ниското ниво на економски развој, борбата за власт во албанскиот свет е многу пожестока отколку кај другите народи. Албанската политика на политичкиот плурализам се карактеризира со екстремна поларизација на политичкиот простор, со незаконско богатење на поединци или кланови, корупција на највисоки политички нивоа и со непотизам.“ – дополнува Зејнели.

Тој фрла критички поглед врз Албанија, укажувајќи: „За време на периодот на плурализмот во Албанија има убиства и ранувања како во ниту една друга земја во регионот, има одгледување, употреба и трговија со дрога, има трговија со луѓе и оружје, сообраќајни несреќи со последици од смрт и сериозни повреди како и во ниту една земја во регионот, ако не и во светот, има кражби на куќи, станови, бензински пумпи, на менувачници и банки, насилни кражби, понекогаш придружени со убиство.“

Според овој аналитичар, „еден дел од музиката во албанскиот свет е проткаен со порнографска сцена, со шунд музика без никаква уметничка вредност“ и тој тврди: „Порнографскиот дел од музиката во албанскиот свет не заостанува зад порно-музиката во Србија и Бугарија. Оваа порнографска музика не ја промовира уметноста. Тоа им носи финансиски придобивки на актерите.“

Џелал Зејнели во својата колумна посочува и на некои други случувања: „Во албанскиот свет цутат казината, обложувалниците и ноќните клубови, додека образовниот и здравствениот систем се судираат со нагласени тешкотии. Во меѓународната проценка на знаењето на 15-годишни ученици, позната како ПИССА, учениците од Македонија и Косово се рангираат меѓу последните во светот неколку пати по ред.“

„За време на периодот на транзиција, кој трае неодредено време, албанскиот свет се соочи со раселување и одлив на населението кон Грција и западните земји, со намалување на стапката на раѓања и на плодност, потоа со намалување на населението, со зголемување на бројот на разводи и со зголемување на бројот на деца на разделени родители.“ – вели колумнистот на Лајм“ и посебно критикува поради раширената корупција во „албанскиот свет“.
.

„Во земја со високо ниво на корупција западните земји не инвестираат доволно. Во албанскиот свет инвестициите од западните земји се мали. Луѓето од Западот не фрлаат пари во исцепена торба. Таквата торба никогаш не се полни. За време на периодот на транзиција во албанскиот свет беа изградени стотици верски објекти и само многу малку училишта или болници“, пишува авторот.

Зејнели во својата колумна заклучува: „Сегашното време бара реформи, промени, современи политички идеи и визија, креативност и институционално политичко дејствување.“